Psalms 131
1 Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност,
2 како што се заколна пред Господа, и Му вети на Јакововиот Бог:
3 »Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое;
4 нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои,
5 додека не најдам место за Господа, дом за Јакововиот Бог.«
6 Ете, ние чувме дека е во Ефрат, го најдовме во дубравите;
7 да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови.
8 Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој.
9 Твоите свештеници нека се облечат во правда; Твоите светии нека се зарадуваат.
10 Поради Давида, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник.
11 Му се заколна Господ на Давида во вистината, и од неа нема да се откаже: »Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој.
12 Ако твоите синови го пазат Мојот завет и моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат на твојот престол.«
13 Затоа Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него.
14 »Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав.
15 Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов сиромасите негови со леб ќе ги наситувам;
16 свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат.
17 Таму ќе кренам рог за Давида, му подготвив светилник на Мојот помазаник.
18 Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе процути светоста Моја.«