Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Proverbs 29

:
Macedonian - 1990
1 Човек, кој, бидејќи разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек.
2 Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога нечесниот господари, народот офка.
3 Човек, кој ја сака мудроста, го радува татка си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура.
4 Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува.
5 Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови.
6 Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува.
7 Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а нечесниот не се интересира за тоа.
8 Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот.
9 Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, нема мир.
10 Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот.
11 Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува.
12 Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови поданици се нечесни.
13 Сиромавиот и зајмодавецот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите.
14 Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш.
15 Пратот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители.
16 Кога се умножуваат нечесните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање.
17 Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја.
18 Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, блажен е.
19 Лошиот човек со зборови нема да се научи, зашто, и да ги разбира, не ги слуша.
20 Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него.
21 Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син.
22 Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши.
23 Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест.
24 Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; и слуша клетви, но не ги соопштува.
25 Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господа, ќе се развесели; нечесноста води кон соблазна, а кој се надева на Господа, тој ќе се спаси.
26 Мнозина го бараат благосклоното лице на управителот, но правдата на човека е од Господа.
27 Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за нечесниот е оној што оди по прав пат.