Nehemiah 4
1 Кога чу Санавалат, дека ги ѕидаме ѕидовите, се налути и додеваше многу и се подигруваше со Јудејците;
2 и зборуваше пред браќата свои и пред самариските воени луѓе, велејќи: »Што прават тие проклети Јудејци? Зар ќе им го дозволат тоа? Зар тие ќе принесат жртви? Зар ќе завршат некогаш? Зар ќе ги оживеат камењата од купиштата прав, и притоа изгорени?«
3 А до него Товија, Амонитецот, рече: »Нека го ѕидаат; ќе мине лисицата и ќе ги срине камените ѕидови нивни.«
4 Чуј, Боже наш, на каков презир сме, и сврти ја таа нивна подигравка врз главите нивни, предај ги на презир во земја во пленство.
5 Не ги прикривај беззаконијата нивни, и гревот нивни да не биде избришан пред лицето Твое, бидејќи Те огорчија оние што ѕидаат.
6 Ние сепак го градевме ѕидот, и целиот ѕид високо беше поврзан до половината негова. И на народот му беше при срце да работи.
7 Кога слушнаа Санавалат и Товија, и Аралците, и Амонитите, и Азотите, дека ерусалиските ѕидови се возобновуваат, дека расипаното почна да се исполнува, многу се разгневија.
8 И се договорија да одат заедно да војуваат против Ерусалим и да го разрушат.
9 А ние му се молевме на нашиот Бог и поставивме спроти нив стража дење и ноќе, за да се спасиме од нив.
10 Но Јудејците рекоа: »Ослабна силата на носачите, а земја од урнатините има многу; не можеме да го градиме ѕидот.«
11 А непријателите наши, пак, велеа: »Нема да успеат и нема да видат, кога наеднаш ќе влеземе меѓу нив, ќе ги убиеме, и ќе ја запреме работата.«
12 Доаѓаа Јудејците, што живееја до нив, и ни говореа на десетина пати од сите места дека ќе нѐ нападнат,
13 тогаш по ниските места на градот, зад ѕидот, по сувите места, го поставија народот по родови со мечевите нивни, со копјата нивни и со лаковите нивни.
14 Па погледнав и станав, та им реков на првенците и војводите и на другиот народ: »Не плашете се од нив; помнете Го Господа велик и страшен и бијте се за браќата свои, за синовите свои, за ќерките свои, за жените свои и за куќите свои.«
15 Кога слушнаа нашите непријатели, дека ни е познато што кројат, тогаш Бог го растури нивниот заговор, и ние сите се вративме кај ѕидот, секој на својата работа.
16 Од тој ден половината од младите при мене се наоѓаа на работа, а другата половина нивна стоеја со копја, штитови, лакови и оклопи; а војводите нивни беа зад целиот дом Јудин.
17 Оние, што го градеа ѕидот и носеа товари, што им се наложуваа, со едната рака ја вршеа работата, а во другата рака држеа копје.
18 Сите градители беа препашани со меч околу половината, и така градеа, а до мене беше трубачот.
19 И им реков на првенците и началниците и на другиот народ: »Работата е голема и просторна, а ние сме распрснати по ѕидот и оддалечени едни од други;
20 затоа, од каде ќе чуете трубен звук, во тоа место собирајте се при нас: Бог наш ќе се бори за нас.«
21 Така ја теравме работата; и половината ги држеа копјата откако зората се појави, додека ѕвездите да излезат.
22 Освен тоа, истовремено му бев порачал на народот да ноќеваат во Ерусалим сите со слугите свои, – и да бидат тие кај нас ноќе на стража, а дење на работа.
23 И ниту јас, ниту браќата мои, ниту стражарите, што ме придружуваа, не ги соблекувавме облеките свои, и секој од нас имаше при рака меч и вода.