Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Nehemiah 1

:
Macedonian - 1990
1 Зборовите на Неемија, синот Ахалиев. Во месецот Хаселев, во дванаесеттата година, јас бев во престолниот град Суза.
2 Тогаш дојде Ананија, еден од моите браќа, тој и неколку души од Јудеја. И јас ги прашав за многу нажалените Јудејци, што не беа заробени, и за Ерусалим.
3 А тие ми рекоа: »Оние што останаа незаробени, се наоѓаат таму, во земјата своја, и се во голема неволја и понижение; а ѕидовите на Ерусалим се урнати, и портите негови со оган изгорени.«
4 Кога ги чув тие зборови, седнав и заплакав и бев нажален неколку дена, постев и се молем пред Бога небесен,
5 и реков: »Господи, Боже небесен, Боже велики и страшен, Кој го пазиш заветот и милоста кон оние, што Те сакаат и постапуваат според Твоите заповеди!
6 Ушите Твои нека бидат внимателни и очите Твои отворени, за да ја чујат молитвата на Твојот слуга, со која сега се молам дење и ноќе пред Тебе за синовите Израилеви, слугите Твои, и се исповедувам за гревовите на синовите Израилеви, со кои згрешивме пред Тебе, згрешивме јас и домот на таткото мој.
7 Ние станавме престапници пред Тебе и не ги запазивме ни заповедите, ни наредбите, ни законите, што ги беше дал на Мојсеја, Твојот слуга.
8 Но присети се на зборот, што му го беше дал на Мојсеја, Твојот слуга, велејќи: ‚Ако станете престапници, ќе ве растурам меѓу народите,
9 а кога ќе се обрнете кон Мене и ќе ги пазите Моите заповеди и ќе ги извршувате, тогаш, макар да сте изгонети и на крајот на небото, и оттаму ќе ве приберам и ќе ве одведам на местото што сум го одбрал, за да го воведам таму името Свое.‘
10 А тие се Твои слуги и Твој народ, што Си го откупил со големата Своја сила и со моќната Своја рака.
11 Ти се молам, Господи, нека биде увото Твое внимателно кон молитвата на Твојот слуга и кон молитвата на Твоите слуги, кои сакаат да се плашат од името Твое. Помогни му сега на Твојот слуга и воведи го во милоста на тој човек.« Јас бев пехарник кај царот.