Nahum 3
1 Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.
2 Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли.
3 Коњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.
4 Тоа сето е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој продава народи, а со магиите – племиња.
5 Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата – срамотиите твои.
6 Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за приказ.
7 И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: »Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?«
8 Зар не си подобра од Но – Амона, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.
9 Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а тие ти идеа на помош со Коптите и Ливијците.
10 Но и тој е раселен, отиде во ропство; дури и децата му се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците му фрлија жреб, и сите големци се во вериги оковани.
11 И ти така ќе се опиеш и ќе криеш; и ќе бараш заклон од непријателите свои.
12 Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.
13 Ете, и народот твој во тебе се како жени: на непријателите твои ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите резиња.
14 Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи ја печката за печење тули.
15 Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци.
16 Трговците при тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулци ќе се распрскаат и ќе одлетаат.
17 И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде биле.
18 Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да ги прибере.
19 Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто врз кого ли не си ја протегнал твојата постојана злоба.