Micah 3
1 Затоа реков – чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израилев: зар вие не знаете што е право?
2 А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни;
3 јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги стругнувате и ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел.
4 И тие ќе викаат кон Господа, но Он нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во времето, додека тие вршат злодејанија.
5 Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои гризат со заби – а проповедаат мир; а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна.
6 Затоа, место видени, вие ќе гледате ноќ, место пророштво – темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе им потемнее над нив.
7 Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога.
8 Но јас сум исполнет со силата на Духот Господен, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јакова престапите и на Израилот – гревот негов.
9 Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израилев, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сѐ што е право.
10 Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда.
11 Поглаварите негови судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господа, велејќи: »Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нѐ постигне.«
12 Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој Дом ќе зарасне во шума.