Mark 15
1 И веднаш утредента првосвештениците и книжниците, и целиот Синедрион, направија совет, па како Го врзаа Исуса, Го одведоа и Го предадоа на Пилата.
2 А Пилат Го праша: »Ти ли си Царот Јудејски?« Он одговори и рече: »Ти велиш.«
3 И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Он не одговори ништо.
4 А Пилат пак Го праша и рече: »Ништо ли не одговараш? Гледаш колку многу сведочат против Тебе!«
5 Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше.
6 А на секој празник им отпушташе по еден осуденик, кого што ќе го побараа.
7 И беше еден осуден, по име Варава, заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство.
8 И кога извика народот, почна да го моли Пилата да им го направи она, што им го правел секогаш.
9 А тој им одговори и рече: »Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?«
10 Оти знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11 Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12 Пилат, пак, им одговори и рече: »Што сакате да направам со Оној, што Го именувате Цар Јудејски?«
13 Тие одново извикаа, велејќи: »Распни Го!«
14 Пилат им рече: »Што зло направил?« Но тие уште посилно извикаа: »Распни Го!«
15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава; а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.
16 Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17 па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18 и почнаа да Го поздравуваат: »Радуј се, Царе Јудејски!«
19 И Го биеја по главата со трска и плукаа на Него; паѓајќи на колена, и Му се клањаа.
20 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му го облекоа Неговото облекло и Го поведоа на Го распнат.
21 И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да му го носи крстот.
22 Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23 И Му дадоа да пие вино со смирна, но Он не зеде.
24 Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб, кој што да земе.
25 Беше третиот час, и Го распнаа.
26 И имаше натпис за вината Негова: »Цар Јудејски.«
27 А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.
28 И се исполни Писмото, кое вели: »И меѓу грешници Го ставија.«
29 А минувачите, вртејќи со глава, Го хулеа и велеа: »Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,
30 спаси Себеси и слези од крстот!«
31 Исто така и првосвештениците заедно со книжниците му се смееја и велеа: »Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси.
32 Христос, Царот Израилев, нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!« Го хулеа и распнатите со Него.
33 А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.
34 И во деветтиот час Исус извика гласно, велејќи: »Елои, Елои, Лама савахтани?« А тоа значи: »Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?«
35 Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: »Ете, го вика Илија.«
36 А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: »Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне?«
37 Исус, пак, кога испушти висок глас, издивна.
38 И црковната завеса се расцепи на две, одозгора додолу.
39 А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Он, откако извика така издивна, рече: »Навистина Овој Човек бил Син Божји!«
40 А имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалина, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,
41 кои и тогаш, кога Он беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.
42 А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно спроти сабота,
43 дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели и влезе при Пилата и го помоли за телото Исусово.
44 Пилат се зачуди дека Он веќе умрел: и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел.
45 Па штом узна од стотникот, му го даде телото на Јосифа.
46 А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа; и навали камен на гробната врата.
47 А Марија Магдалина и Марија Јосиева гледаа, каде Го полагаат.