Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Mark 10

:
Macedonian - 1990
1 И кога стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак приоѓаше народ кон Него; а Он, по Својот обичај, ги поучуваше.
2 И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: »Допуштено ли е да ја остави човек својата жена?«
3 А Он им одговори и рече: »Како ви заповеда Мојсеј?«
4 Тие рекоа: »Мојсеј позволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.«
5 Одговори Исус и им рече: »Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.
6 Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена.
7 Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си,
8 и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело.
9 А Бог што составил, човек да не разделува.«
10 И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа.
11 И им рече: »Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа;
12 а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.«
13 И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа.
14 Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: »Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо.
15 Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.«
16 И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
17 А кога излегуваше на пат, притрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: »Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?«
18 Исус му рече: »Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог!
19 Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.«
20 А тој Му одговори и рече: »Учителе, сето тоа сум го запазил од младини.«
21 Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: »Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.«
22 Тој, пак, кога се смути од тие зборови, си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23 И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: »Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!«
24 А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: »Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25 Полесно ѝ е на камила да влезе низ иглени уши, отколку на богат да влезе во царството Божјо.«
26 А тие се чудеа многу и си велеа помеѓу себе: »Тогаш кој може да се спаси?«
27 Кога ги погледна Исус, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!«
28 И Петар почна да му говори: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.«
29 А Исус одговори и рече: »Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието,
30 а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век и живот вечен.
31 И мнозина први ќе бидат последни, а последните први.«
32 Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
33 Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
34 И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.
35 Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: »Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.«
36 Он ги праша: »Што сакате да ви направам?«
37 А тие Му одговорија: »Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.«
38 Но Он им рече: »Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?«
39 Тие одговорија: »Можеме.« А Исус им рече: »Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;
40 но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.«
41 Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.
42 А Исус, кога ги повика, им рече: »Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.
43 Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
44 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.
45 Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.«
46 Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои, и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше.
47 Па, како чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: »Исусе, сине Давидов, помилуј ме!«
48 И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!«
49 Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: »Не бој се, стани, те вика!«
50 Тој, кога ја фрли горната облека, стана и дојде при Исуса.
51 А Исус, одговарајќи му, го запраша: »Што сакаш да ти направам?« Слепиот Му рече: »Да прогледам, Учителе!«
52 Исус му рече: »Оди си, верата твоја те спаси!« И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исуса.