Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Luke 5

:
Macedonian - 1990
1 Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро.
2 Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите.
3 Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ.
4 А штом престана да говори, му рече на Симона: »Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!«
5 Но Симон Му одговори и рече: »Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.«
6 И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина.
7 Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа.
8 А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: »Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!«
9 Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија;
10 а исто така и во Јакова и Јована, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симона. И му рече Исус на Симона: »Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!«
11 Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.
12 А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек сиот лепрозен, и штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: »Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.«
13 Исус протегна рака, се допре до него и рече: »Сакам, очисти се!« И веднаш лепрата падна од него.
14 И му заповеда никому да не кажува; и му рече: »Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво!«
15 Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да ги лекува болните нивни.
16 А Он се повлекуваше во осамени места и се молеше.
17 Еден ден, додека Он поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Он имаше сила Господова да лекува.
18 И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и сакаа да го внесат и положат пред него;
19 па, како не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постелата насреде пред Исуса.
20 А Он, штом ја виде верата нивна, рече: »Човеку, ти се простуваат гревовите!«
21 Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: »Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен единиот Бог?«
22 А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: »Што размислувате во срцата свои?
23 Што е полесно да се каже: ‚Ти се простуваат гревовите,‘ или да кажам: ‚Стани и оди‘?
24 Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите« па му рече на фатениот: »Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!«
25 И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26 Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, како се исполнија со страв, говореа: »Чудни работи видовме денес!«
27 А потоа излезе Исус и виде еден митник, по име Левиј, кој седеше на митницата, и му рече: »Врви по Мене!«
28 Тој остави сѐ, стана и тргна по Него.
29 И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу митници и други, што седеа на трпезата со нив.
30 Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: »Зошто со митници и грешници јадете и пиете?«
31 Исус им одговори и рече: »Здравите немаат потреба од лекар, но болните;
32 не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.«
33 А тие Му рекоа: »Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?«
34 Он им рече: »Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?
35 Но ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат.«
36 Им ја кажа и оваа парабола: »Никој не пришива на стара облека крпа од нова облека; оти и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа.
37 И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат;
38 но ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се запази и едното и другото.
39 И никој, откако пил старо вино, нема да побара ново; оти вели: ‚Старото е подобро.‘«