Luke 3
1 Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод – четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј – четворовласник во Авилинија,
2 при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустината.
3 И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите,
4 како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: »Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови;
5 секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,
6 и секое тело ќе го види спасението Божјо!«
7 А на луѓето, што доаѓаа при него да ги крсти, им велеше: »Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што иде?
8 Но родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Го имаме таткото Авраама!‘ Зашто ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама.
9 Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган.«
10 И го прашаа луѓето, велејќи: »Тогаш што треба да правиме?«
11 А тој им одговори и рече: »Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека го прави истото.«
12 Дојдоа и митници да се крстат од него и му рекоа: »Учителе, што да правиме?«
13 А тој им рече: »Не барајте повеќе, отколку што е определено.«
14 Го прашаа и некои војници, говорејќи: »А што да правиме ние?« И им рече: »Никого не присилувајте, никого не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати.«
15 А на луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос,
16 Јован им одговараше на сите, велејќи: »Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
17 Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.«
18 И уште многу друго му проповедаше на народот, утешувајќи го.
19 А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите лоши работи што ги беше направил,
20 покрај сето тоа уште и го затвори Јована во темница.
21 А кога се крсти сиот народ, и кога Исус, по крштавањето, се помоли на Бога, се отвори небото,
22 и Светиот Дух слезе на Него во телесен вид, како гулаб, и се чу глас од небото, кој велеше: »Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја.«
23 Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев,
24 Мататов, Левиин, Малхиев, Јанаев, Јосифов,
25 Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев,
26 Маатов, Мататиев, Семеиев, Јосифов, Јудин,
27 Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилев, Нириев,
28 Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров,
29 Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиин,
30 Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов,
31 Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов,
32 Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов,
33 Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,
34 Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров,
35 Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,
36 Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,
37 Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,
38 Еносов, Ситов, Адамов, Божји.