Luke 2
1 Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители.
2 Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија.
3 И отидоа сите да се запишат, секој во својот град.
4 Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,
5 за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна.
6 А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.
7 Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница.
8 Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо.
9 И одеднаш се јави ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.
10 А ангелот им рече: »Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;
11 зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ;
12 и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.«
13 И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:
14 Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!
15 Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: »Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ.«
16 И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли.
17 А штом видоа, кажаа сѐ што им беше речено за Тоа Дете.
18 И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите.
19 А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое.
20 И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бог за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено.
21 А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
22 И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа,
23 како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа;
24 и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две грлици или две гулапчиња.
25 А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек беше праведен и благочестив; и ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше во него.
26 Нему Светиот Дух му беше прорекол оти нема да види смрт, дури не Го види Христа Господов.
27 И дојде по вдахновение во храмот. Па, кога родителите Го донесоа Младенецот Исуса за да го извршат над Него обичајот, според Законот,
28 тој Го зеде во своите раце, Му благодари на Бога и рече:
29 »Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои;
30 зашто очите мои го видоа спасението Твое,
31 што си го приготвил пред лицето на сите народи:
32 светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.«
33 А Јосиф и мајка Му се чудеа на она што се зборуваше за Него.
34 Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: »Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот,
35 А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца.«
36 Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено; и беше многу остарела, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое.
37 Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години и не се отстрануваше од храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.
38 Во тој час пристапи и таа, и почна да Го слави Господа и им прикажуваше за Него на сите, што чекаа спасение во Ерусалим.
39 И кога извршија сѐ по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.
40 А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
41 И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42 А кога он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим;
43 но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа.
44 Мислејќи дека е Он со друштво, измина еден ден пат и Го побараа меѓу роднините и познатите.
45 Па, како не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.
46 По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува;
47 сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори.
48 Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: »Синко, што ни направи така? Ете, татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.«
49 А Он рече: »Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?«
50 Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Он.
51 И слезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое.
52 Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето.