Luke 18
1 Им кажа и парабола за тоа, оти секогаш треба да се молат да не паѓаат со духот.
2 И рече: »Во еден град имаше судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.
3 Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘
4 Но тој за долго време нејќеше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се бојам и од луѓето не се срамувам,
5 но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа веќе и да не ми додева.‘«
6 И рече Господ: »Чујте што зборува несправедливиот судија!
7 Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?
8 Ви велам, ќе ги заштити набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?«
9 А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:
10 »Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.
11 Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник.
12 Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што придобивам.‘
13 А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘
14 Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.«
15 При Него донесуваа и младенци, за да се допре до нив; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа.
16 Но Исус, кога ги повика, им рече: »Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо!
17 Вистина ви велам: кој не го прими царството Божјо како дете, нема да влезе во него.«
18 И Го праша еден управник, велејќи: »Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?«
19 А Исус му рече: »Зошто ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен еден Бог.
20 Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.«
21 А тој рече: »Сето тоа сум го запазил од младоста своја.«
22 Штом го чу тоа, Исус му рече: »Уште едно не ти достига: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!«
23 А тој, кога го чу тоа, се нажали, оти беше многу богат.
24 Штом виде дека тој многу се разжалости, Исус рече: »Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство?
25 Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.«
26 Оние, што го чуја тоа, рекоа: »Тогаш, кој може да се спаси?«
27 А Он одговори: »Неможното за луѓето е можно за Бога.«
28 Петар, пак, рече: »Ете, ние оставивме сѐ и врвиме по Тебе.«
29 Он им рече: »Вистина ви велам, дека нема ниеден, што оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,
30 а да не добил многу повеќе, од тоа уште сега, во ова време, а во идниот век – и живот вечен.«
31 И кога ги зеде со Себе дванаесетте, им рече: »Еве, одиме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки:
32 дека ќе Го предадат на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го оскрбат и ќе Го плукаат,
33 ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.«
34 Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не разбраа што им кажа.
35 А кога се приближуваше Он до Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше;
36 и штом чу дека покрај него врви народ, праша: »Што е тоа?«
37 Му кажаа дека минува Исус Назареецот.
38 Тогаш тој извика и рече: »Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!«
39 Оние, што одеа напред, го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!«
40 Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша,
41 велејќи: »Што сакаш да ти направам?« Тој рече: »Господи, да прогледам!«
42 Тогаш Исус му рече: »Прогледај! Верата твоја те спаси.«
43 И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.