Lamentations 4
1 Како потемна златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати.
2 Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце!
3 Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустиња;
4 јазикот на цицалчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава.
5 Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во скерлет, се валкаат во смет.
6 Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него.
7 Кнезовите ѝ беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир;
8 а сега лицето им е потемно од сѐ што е црно; не ги узнаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво.
9 Убиваните со меч се почестите од оние, што глад ги убива, зашто тие чезнеат поради недостиг од полски плодови.
10 Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ.
11 Господ го исполнуваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови.
12 Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа, дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски.
13 Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него проливаа крв на праведници;
14 скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни.
15 »Отстранете се, нечисти!« им викаа; »отстранете се, отстранете се, не допирајте се!« и тие се отстрануваа посрамени; а меѓу народот се зборуваше: »нив ќе ги нема веќе!«
16 Лицето на Господа ги расеа; Он нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи тие не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат.
17 Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нѐ спаси.
18 А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде.
19 Оние, што нѐ гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нѐ гонеа, ни поставуваа заседи по пустињите.
20 Духот на нашиот живот, помазаникот Господен, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме – под сенката негова ќе живееме меѓу народите.
21 Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш.
22 Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Он нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Он ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои.