Bible

Connect

With Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Lamentations 2

:
Macedonian - 1990
1 Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израилева и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев.
2 Господ ги сотре сите живеалишта на Јакова, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти.
3 Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израилеви, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јакова како огнен пламен, кој проголтува сѐ наоколу;
4 го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сѐ што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја.
5 Господ стана како непријател, го истреби Израилот, му ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач.
6 И ја сруши оградата Своја како од градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат поразниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник.
7 Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиштето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господен тие се развикаа како во празничен ден.
8 Господ реши да ја разруши карпата на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени.
9 Портите нејзини во земја потонаа; Он ги разруши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; нема веќе закон, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господа.
10 Старешините на ќерката Сионова седат на земи и молчат, си ги посипуваат со пепел главите свои, се препашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски.
11 Ми се истрошија од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот народ, кога децата и цицалчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим.
12 Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: »каде има жито и вино?« и ги испуштаат душите свои во мајчините прегратки.
13 Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели?
14 Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не ги откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство.
15 Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: »Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?«
16 Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: »Го проголтавме, та само овој и ден го чекавме ние, го дочекавме и го видовме!«
17 Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, изречен во поранешните времиња, безмилосно го разори и го предаде на непријателот, за да се порадува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели.
18 Срцето нивно повикува кон Господа. Карпо на ќерката Сионова! Лиј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои!
19 Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; изливај го како вода срцето свое пред лицето на Господа; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици.
20 »Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака жените да го јадат плодот свој, младенците, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свешеник и пророк?
21 Децата и старците лежат на земи по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.«
22 Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господен никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.