Lamentations 1
1 Како сам остана градот, некогаш полн со народ! Стана како вдовица; некогаш голем меѓу народите; кнезот над областите сега плаќа данок.
2 Горко плаче ноќе, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега нема никој да го утеши; сите негови пријатели го извенерија и му станаа непријатели.
3 Поради беда и ропство Јуда се пресели; се насели меѓу незнабошци, и не најде спокој; сите што го гонеа, го притеснија.
4 Патиштата на Сион тагуваат, зашто нема кој да оди на празник сите негови порти запустеа; свештениците воздивнуваат, момите негови се нажалени, а и самиот е беден!
5 Непријателите негови станаа глава; на противниците негови им е добро, бидејќи Господ испрати врз него тага поради неговите бројни беззаконија; децата негови отидоа во ропство пред непријателот.
6 И отиде од ќерката Сионова сета нејзина слава; кнезовите нејзини се како елени, што не наоѓаат пасиште; обесилени, тие тргнаа пред терачот.
7 Се присетува Ерусалим во деновите на својата беда и на своите страдања за сите свои убавини, што ги имаше во поранешните дни, а сега, пак, народот падна од непријателска рака, и нема кој да му помогне; непријателите гледаат на него и се смеат на неговите саботи.
8 Тешко згреши Ерусалим, па затоа стана и одвратен; сите што го почитуваа, сега го гледаат со презир, оти ја видоа голотијата негова; и тој самиот воздивнува и го свртува лицето назад.
9 Нечистотија имаше по полите негови, но тој не помислуваше за својата иднина, па заради тоа многу се понизи и падна, па нема сега кој да го утеши. »Погледај, Господи, на мојата мака, зашто непријателот се возгордеа!«
10 Непријателот пружи рака над сѐ што му беше најдраго; и тој гледа како незнабошците вегуваат во неговото светилиште, за кое си заповедал да не влегуваат во Твојот храм.
11 Сиот негов народ воздивнува, барајќи леб, ги дава своите скапцени работи за храна – душата да ја поткрепи. »Погледај, Господи, и види колку сум презрен!«
12 Нека не ве снајде ова сите вас, кои врвите по патот. Погледајте и видете – има ли болка каква што е мојата болка, која ме постигна, каква што Господ ја испрати врз мене во денот на Својот пламенен гнев?
13 Он испрати оган одозгора во коските мои, и огнот ги опфати; распосла мрежа за нозете мои, ме кутна ничкум, ме направи беден и да тагувам секој ден.
14 Јаремот на беззаконијата мои го стегна со раката Своја; тие се испреплеткани и ми се искачија на вратот; Он ја ослаби силата моја; Господ ме предаде во раце, од кои не можам да се подигнам.
15 Сите јунаци од мојата средина Господ ги собори; свика против мене собрание за да ги истреби младичите мои, како во каца ја изгази Господ девојката, ќерката Јудина.
16 Заради тоа јас плачам: окото мое, окото мое солзи лие, зашто далеку е од мене утешителот, кој би ја оживеал душата моја; синовите мои пропаднаа, бидејќи непријателот ги надвладеа.
17 Сион ги протега рацете, но за него нема утешител. Господ заповеда за Јакова, па го опколија непријатели; Ерусалим стана нечистотија меѓу нив.
18 Праведен е Господ, зошто не му се покорував на словото Негово. Чујте, сите народи, и погледнете ја мојата болка; момоите мои и момчињата мои отидоа во ропство.
19 Ги повикувам пријателите свои, но тие ме измамија; свештениците мои и старешините мои умираат во градот, барајќи храна за да ја поткрепат душата своја.
20 Погледај, Господи, оти сум притеснет, утробата моја се буни, срцето ми се превртува, бидејќи жестоко се противев на Тебе; однадвор меч ме остави без чеда, а дома – смрт.
21 Слушаат како офкам, а утешител немам; за мојата неволја чуја сите мои непријатели и се зарадуваа, бидејќи Ти го направи тоа; о, да беше му заповедал на претскажаниот ден да дојде, па и тие да станат како мене.
22 Нека се појави пред Тебе сета злоба нивна; и постапи со нив како што постапи со мене за сите мои гревови, оти тешки се офкањата мои, и срцето мое малаксува.