Judges 19
1 Во она време, кога Израил немаше цар, живееше еден левит, кој како придојден живееше во гората Ефремова. Тој си зеде наложница од Витлеем Јудејски.
2 Но наложницата негова се скара со него и си отиде во татковиот си дом, во Витлеем Јудејски, и остана таму четири месеци.
3 Мажот ѝ стана и отиде при неа, за да ја замоли и да ја врати назад. Со него беше слугата негов и две ослиња. Таа го воведе во татковиот дом.
4 Тестот негов, татко на таа млада жена, откако го виде, го пресретна радосно и го задржа. И тој престојуваше кај него три дни: јадеа, пиеја и ноќеваа таму.
5 На четвртиот ден станаа рано, стана и тој, за да си оди. И таткото на младата жена му рече на зетот свој: »Поткрепи го срцето свое со залак леб, и потоа ќе тргнете.«
6 Тие останаа, и двајцата заедно јадеа и пиеја. И таткото на таа млада жена му рече на тој човек: »Остани уште една ноќ, и нека се повесели срцето твое!«
7 Човекот беше станал за да си оди, но тестот го наговори и тој пак ноќеваше таму.
8 На петтиот ден изутрината тој стана, за да си оди. А таткото на младата жена рече: »Поткрепи си го срцето свое со леб, и почекајте, додека да измине денот.« И јадеа двајцата и пиеја.
9 И стана човекот да си оди, тој, наложницата негова и слугата негов. И тестот негов, таткото на младата жена, му рече: »Еве, почна да се стемнува, ноќевајте, ве молам, денот е на свршување, ноќевај тука, нека се повесели срцето твое; утре рано ќе тргнете на пат, и ќе си одиш во домот свој!«
10 Но мажот не се согласи да ноќева, стана и тргна; и наближи до Евус, кој е сега Ерусалим; со него двете натоверени ослиња и наложницата со него.
11 Кога беа близу до Евус, денот веќе беше изминал. И слугата му рече на господарот свој: »Да навратиме во овој евусејски град и да ноќеваме во него.«
12 Господарот му одговори: »Не, нема да одиме во град на други племиња, кое не се од синовите Израилеви, а ќе појдеме во Гаваон.«
13 И му рече на слугата свој: »Оди да стигнеме до едно од Гаваонските места и ќе ноќеваме во Гаваон или во Рама.«
14 Па тргнаа, и одеа, а сонцето зајде близу до Гаваон Венијаминов.
15 И тие навратија таму, за да одат да ноќеваат во Гива. Откако влезе, тој седна на градскиот плоштад, но никој не ги покани во домот свој да ноќеваат.
16 И ете, еден старец се враќаше вечерта од полска работа; тој беше родум од Ефремовата гора и живееше како придојден во Гаваон. Жителите, пак, од тоа место беа Венијаминоти синови.
17 Кога ги грена очите, тој виде на градскиот плоштад патник. И старецот запраша: »Каде одиш и од каде доаѓаш?«
18 Тој му одговори: »Од Витлеем Јудејски одиме за Ефремовата гора, од каде што сум јас; отидов во Витлеем Јудејски, а сега одам кон домот Господов; и никој не ме поканува во домот свој;
19 си имаме и слама и храна за ослите свои; исто така и леб и вино за мене и за твојата робинка и за овој слуга има кај твоите слуги, од ништо немаме потреба.«
20 Старецот му рече: »Биди спокоен; каква потреба и да имаш, јас ќе се погрижам, само на улица не ноќевај.«
21 И го одведе во домот свој и им даде храна на ослите негови, а самите тие се измија нозете свои, јадеа и пиеја.
22 Откако го развеселија срцето свое, ете, градските жители, развратници, ја опколија куќата, зачукаа на вратата и му говореа на старецот, стопанот на куќата: »Изведи го човекот, кој влезе во куќата твоја, за да го запознаеме.«
23 Стопанот на куќата излезе пред нив и им рече: »Не, браќа мои, не правете зло, кога тој човек влегол во куќата моја, не правете го тоа безумие;
24 еве, јас имам ќерка мома, а тој има наложница ќе ги изведам осраметете ги и правете со нив, сѐ што ви е угодно; а со тој човек не правете го тоа безумие.«
25 Но тие на сакаа да го слушаат. Тогаш мажот ја зеде наложницата своја и ја изведе при нив на улица. Тие ја познаа и ја злоставуваа цела ноќ до утрината. И ја пуштија во зората.
26 И во зората дојде жената, падна пред куќната врата на човекот, кај кого беше господарот нејзин, и лежеше до осамнување.
27 Господарот нејзин стана утрината, ја отвори куќната врата и излезе, за да тргне на пат; и ете, наложницата негова лежи пред куќната врата, со рацете на прагот.
28 Тој ѝ рече: »Стани, ќе одиме!« Но одговор немаше зашто таа беше умрела. Тој ја стави на ослето, стана и замина за местото свое.
29 Кога дојде во домот свој, зеде нож, ја фати наложницата своја, ја пресече по деловите на телото нејзино на дванаесет делови и испрати по сите предели Израилеви.
30 Секој, што го виде тоа, велеше: »Не станало и не се видело такво нешто од денот, кога Израилевите синови излегоа од Египетската земја до денес.« И им рече на луѓето што ги испрати: »Така зборувајте по сиот Израил: станало ли такво нешто? Размислете за тоа, посоветувајте се и кажете!«