Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Judges 18

:
Macedonian - 1990
1 Во тие денови Израилот немаше цар; и во тоа време, пак, Дановото племе си бараше дел, каде да се насели, зашто дотогаш не му беше паднал полн дел меѓу Израилевите племиња.
2 И Дановите синови испратија од племето свое петмина храбри мажи, од Сарај и Естаол, за да ја прегледаат земјата и да ја испитаат, и им рекоа: »Одете, проучете ја земјата!« Тие дојдоа во Ефремовата гора близу до домот на Миха и таму ноќеваа.
3 Откако влегоа во домот на Миха, тие го познаа гласот на младиот левит, влегоа таму и го прашаа: »Кој те доведе овде? Што правиш тука? Зошто си овде?«
4 Тој им одговори: »Тоа и тоа направи за мене Миха, ме најми, и јас сум му свештеник.«
5 Тие тогаш му рекоа: »Прашај го Господа Бога, за да знаеме, успешен ли ќе биде патот наш, по кој сме тргнале.«
6 Свештеникот им рече: »Одете со мир; пред Господа е патот ваш, по кој сте тргнале.«
7 И петмината мажи тргнаа, и дојдоа во Лаис, и видоа дека тамошниот народ живее спокојно, според обичајот на Сидонците, дека е тих и безгрижен, и дека нема во оваа земја, кој да онеправда во нешто, или да има власт: тој народ живееше далеку од Сидонците и со никого немаа никаква работа.
8 И кога се вратија кај браќата свои во Сарај и Естаол, и браќата нивни ги запрашаа: »Што направивте?«
9 Тие одговорија: »Станете да одиме против нив; ние ја видовме земјата, таа е многу убава. Што, вие се двоумите? Не задржувајте се и тргнете да ја завладееме таа земја;
10 а кога ќе тргнете, ќе дојдете кај еден народ безгрижен, и таа земја е широка; Бог ја предава во ваши раце; местото е такво, што нема скудности во ништо, што дава земјата.«
11 И тргнаа оттаму, од Сарај и Естаол, шестотини души од Дановото племе вооружени.
12 Тие тргнаа и се улогорија во Киријат-Јарим, во Јудеја. Затоа и до денес она место го нарекуваа Даанов логор. Тој е од онаа страна на Киријат-Јарим.
13 Оттука тие тргнаа кон Ефремовата гора и дојдоа при домот на Миха.
14 И петмината мажи, што беа оделе да ја прегледаат земјата Лаис, им рекоа на браќата свои: »И дали знаете, дека во еден од тие домови има ефод, серафим, идол и излеана статуа? И така, помислете, што да се прави.«
15 И навратија таму и влегоа во домот на младиот левит, во домот на Миха, и го поздравија.
16 А шестотините Данови синови, вооружени, стоеја кај вратата.
17 Петмината, пак души, што беа оделе да ја обиколат земјата, отидоа, влегоа таму, го зедоа идолот и ефодот, серафимот и излеаната статуа. А свештеникот стоеше кај вратите со шестотините души, вооружени.
18 Кога влегоа во домот на Миха и го зедоа идолот, ефодот, серафимот и излеаната статуа, свештеникот им рече: »Што правите?«
19 Тие му одговорија: »Молчи, стави ја раката на устата своја и оди со нас и биди ни татко и свештеник; подобро ли ти е да бидеш свештеник во домот на еден човек, отколку да бидеш свештеник во Израилево племе и род?«
20 Свештеникот се зарадува, го зеде ефодот, серафимот и идолот и излеаната статуа, и тргнаа со народот.
21 Тие свртија и тргнаа, и ги испратија напред децата, добитокот и тешките предмети.
22 Кога се оддалечија од домот на Миха, Миха и жителите од домовите, соседи на Миховиот дом, се собраа и се втурнаа по Дановите синови
23 и викаа по Дановите синови. Дановите синови се свртија и му рекоа на Миха: »Што ти е, што викаш толку?«
24 Миха одговори: »Ми ги зедоте боговите, што бев ги направил, и свештеникот, и си заминавте. Што ми остана уште, па велите: што ти е?«
25 А Дановите синови му рекоа: »Да не се чуе гласот твој повеќе, инаку, некој од нас, ако се налути, ќе те нападне, и ти ќе си ја загубиш душата своја и челадта своја.«
26 И Дановите синови тргнаа по патот; а Миха, откако виде, дека се тие посилни од него, си тргна назад и се врати во домот свој.
27 А тие откако го зедоа она, што го беше направил Миха, и свештеникот, кој беше со него, отидоа во Лаис против спокојниот и безгрижен народ, и го поразија со меч, а градот го изгореа со оган.
28 Немаше кој да помогне, зашто тој беше оддалечен од Сидон и со никого немаше работа. Тој гред се наоѓаше во долината, што е близу до Вет-Рехов. И изградија одново град и се населија во него.
29 откако го нарекоа градот со името Дан, според името на татка си Дан, Израилевиот син; а порано тој град се викаше Лаис.
30 И Дановите синови си поставија идол; Јонатан, пак, синот на Гирсона, Манасиев син, тој и синовите негови, беа свештеници во Дановото племе сѐ до денот, кога жителите на онаа земја сѐ преселија;
31 и си имаа идол, што беше напарвен од Миха, за сето време, додека домот Божји се наоѓаше во Силом.