Judges 13
1 Израилевите синови пак правеа зло пред Господа, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за време од четириесет години.
2 Во тоа време имаше еден човек од Сарај, од Дановото племе, по име Маној; жена му беше неплодна и не раѓаше.
3 И Ангел Господов ѝ се јави на жената и ѝ рече: »Ете, ти си неплодна и не раѓаш; но ќе зачнеш и ќе родиш син;
4 затоа пази се, не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто;
5 оти, ете, ќе зачнеш и ќе родиш син, и брич нема да ја допре главата негова, зашто од самата мајчина утроба тоа младенче ќе биде назореј Божји, и ќе почне да го спасува Израилот од рацете на Филистејците.«
6 Жената дојде и му кажа на мажот свој, велејќи: »Човек Божји дојде кај мене, и лицето му беше како лице на Ангел Божји, многу страшно; јас не го прашав од каде е, и тој не ми го кажа името свое;
7 тој ми рече: ‚ете, ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто, бидејќи младенчето од самата мајчина утроба па до смртта своја ќе биде посветено на Бога.‘«
8 И Маној му се помоли на Господа и рече: »Господи! Нека дојде пак при нас човекот Божји, што си го испратил, и нека нѐ научи како да постапиме со младенецот, што ќе се роди.«
9 Бог ја услиши молитвата на Маноја, и Ангелот Божји пак дојде при жената, кога таа беше во полето, а Маној, мажот нејзин, не беше со неа.
10 Жената во тој момент потрча и му јави на мажот свој и му рече: »Ете, ми се јави човекот, кој порано дојде кај мене.«
11 Маној стана и тргна со жена си, и дојде кај оној човек и му рече: »Ти ли си човекот, што говорел со оваа жена?« И Ангелот рече: »Јас.«
12 И рече Маној: »И така, нека се исполни зборот твој, но како да постапуваме со тоа младенче, и што да правиме со него?«
13 Ангелот Господов му кажа на Маној: »Нека се чува тој од сѐ она, за кое ѝ говорев на жената;
14 нека не јаде ништо од она што лозата го раѓа; нека не пие вино и сикер, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сѐ, што ѝ заповедав.«
15 А Маној му рече на Ангелот Господов: »Дозволи ми да те задржам, додека да зготвиме јаре.«
16 Ангелот Господов му рече на Маној: »И да ме задржиш, јас нема да јадам твој леб; ако, пак, сакаш да Му принесеш жртва на Господа, принеси го.« Маној не знаеше, дека е тоа Ангел Господов.
17 Маној пак го праша Ангелот Господов: »Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој.«
18 Ангелот Господов му одговори: »Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно.«
19 И го зеде Маној јарето и лебниот принос и Му ги принесе на Господа врз камен. И Он изврши чудо, кое го видоа Маној и неговата жена.
20 Кога почна пламенот да се издига од жртвеникот кон небото, Ангелот Господов се издигна во жртвениот пламен. Откакот го видоа тоа, Маној и жената негова паднаа ничкум на земјата.
21 И Ангелот Господов стана невидлив за Маној и жената негова. Тогаш Маној дозна, дека тоа беше Ангел Господов.
22 И ѝ рече Маној на жената своја: »Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога.«
23 Жената му рече: »Ако Господ сакаше да нѐ умртви, не би примил од рацете наши жртва сепаленица и лебен принос, и не би ни го покажал сето она, а сега не би ни го открил ова.«
24 и жената роди син и го нарече со името Самсон. И младенчето растеше, и Господ го благословуваше.
25 И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сарај и Естаол.