John 8
1 А Исус отиде во Елеонската Гора.
2 Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше при Него. А Он седна и ги поучуваше.
3 Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде,
4 Му рекоа: »Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство.
5 А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?«
6 Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги.
7 Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: »Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!«
8 И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.
9 А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде.
10 А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: »Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?«
11 А таа рече: »Никој, Господи.« Тогаш Исус ѝ рече: »Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.«
12 И пак им рече Исус, велејќи: »Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.«
13 Тогаш Му рекоа фарисеите: »Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинско.«
14 Исус им одговори и рече: »Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и на каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и на каде одам.
15 Вие судите по телото, Јас не судам никому.
16 И ако судам Јас, Мојот суд е вистински, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.
17 А во Законот ваш е напишано, дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.
18 Јас сум што сведочам за Себе, и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.«
19 Тогаш му рекоа: »Каде е Твојот Отец?« Исус одговори: »Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; Ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаете и Мојот Отец.«
20 Овие зборови ги кажа Исус при сокровишницата, кога поучуваше во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
21 Пак им рече Исус: »Јас си одам и ќе Ме барате, и во својот грев ќе умрете. Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете.«
22 Тогаш Јудејците рекоа: »Да не сака да се самоубие и затоа вели: ‚Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете?‘«
23 И им рече: »Вие сте од долните, а Јас сум од горните: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.
24 Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои.«
25 Тогаш Му рекоа: »Кој си Ти?« Исус им одговори: »Почеток, како и што ви зборувам.
26 Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистински и она, што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.«
27 Но не разбраа дека им говореше за Отецот.
28 А Исус им рече: »Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.
29 Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, оти секогаш го вршам она што Му е угодно.«
30 Кога Он го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.
31 Тогаш Исус им говореше на Јудејците што беа поверувале во Него: »Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;
32 и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.«
33 Му одговорија и рекоа: »Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни!‘«
34 Исус им одговори: »Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.
35 А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.
36 И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37 Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.
38 Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а вие го правите она што сте виделе кај вашиот татко.«
39 Му одговорија и рекоа: »Наш татко е Авраам.« Исус им рече: »Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови.
40 А сега сакате да Ме убиете; Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината, што ја чув од Бога. Авраам така не правеше.
41 Вие ги вршите делата на својот татко.« А тие Му рекоа: »Ние не сме родени од блудство; еден отец имаме – Бога.«
42 Но Исус им рече: »Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати.
43 Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои.
44 Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата.
45 А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.
46 Кој од вас може да Ме укори за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не ми верувате?
47 Кој е од Бога, тој ги слуша зборовите Божји. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.«
48 Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: »Не зборуваме ли право, дека си Ти Самарјанин и дека бес има во Тебе?«
49 Исус им одговори: »Во Мене нема бес, туку го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.
50 Но Јас не ја барам славата Своја; а има друг што ја бара, и Кој што ќе суди.
51 Вистина, вистина ви велам: кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.«
52 Тогаш Јудејците Му рекоа: »Сега разбравме дека во Тебе има нечист дух: Авраам умре, и пророците, а Ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.
53 Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраама, кој умре? И пророците умреа; а за кого се претставуваш Ти Сам?«
54 Исус одговори: »Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Мојот Отец е, што Ме прославува, и за Кого вие велите дека е ваш Бог;
55 но не Го познавате, а Јас, пак, Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.
56 Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.«
57 Тогаш Јудејците Му рекоа: »Уште немаш ни педесет години – а си го видел ли Авраама?«
58 Исус им рече: »Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.«
59 Тогаш зедоа камења, за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, и минувајќи помеѓу нив, така си отиде.