John 7
1 Потоа одеше Исус по Галилеја, зашто нејќеше да оди во Јудеја, оти Јудејците сакаа да Го убијат.
2 Се приближуваше, пак, јудејскиот празник – Правење сеници.
3 Тогаш браќата Негови Му рекоа: »Излези одовде и отиди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.
4 Оти никој не прави нешто тајно, кога и сам сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот.«
5 Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.
6 А на тоа Исус им одговори: »Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш годно.
7 Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, оти Јас сведочам за него, дека делата му се лоши.
8 Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на празникот, зашто времето Мое уште не се исполнило.«
9 Откако го рече тоа, остана во Галилеја.
10 Но, штом отидоа браќата Негови, отиде на празникот и Он, но не јавно, туку некако тајно.
11 А Јудејците Го бараа на празникот, и велеа: »Каде е Оној?«
12 И многу расправии имаше во народот за Него: едни зборуваа дека е добар; а други велеа: »Не, туку го заблудува народот.«
13 Но никој не зборуваше за Него отворено, поради стравот од Јудејците.
14 А кога се преполови празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.
15 И се чудеа Јудејците, велејќи: »Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?«
16 Тогаш им одговори Исус и рече: »Учењето Мое не е Мое, а на Оној што Ме прати;
17 и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Сам од Себе зборувам.
18 Кој говори сам од себе, тој ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Он е вистина и во Него нема неправда.
19 Зар не ви даде Мојсеј Закон? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?«
20 Народот одговори и рече: »Бес ли Те фатил? Кој сака да Те убие?«
21 Одговори Исус и им рече: »Едно дело извршив и сите се чудите.
22 Мојсеј ви даде обрезание, макар што тоа не е од Мојсеја, а од татковците – и вие во саботен ден го обрезувате човекот.
23 Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек направив здрав во сабота?
24 Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!«
25 Тогаш некои од Ерусалим рекоа: »Не е ли Овој, Кого Го бараат да Го убијат?
26 Ете, јавно говори и ништо не Му велат; да не се увериле и началниците, дека е Он навистина Христос?
27 Но Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.«
28 Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: »И Мене Ме познавате, и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, а има еден Вистински, Кој Ме пратил и Кого вие не Го познавате.
29 Јас, пак, Го знам, оти сум од Него и Он Ме прати.«
30 Тогаш сакаа да Го фатат. Но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.
31 И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: »Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чудеса отколку што направи Овој?«
32 Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвештениците испратија слуги да Го фатат.
33 Тогаш Исус им рече: »Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам при Оној, Кој Ме пратил.
34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете.«
35 А Јудејците си рекоа помеѓу себе: »Каде ќе оди Овој, за да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Елините, па и Елините да ги поучува?
36 Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете;‘ и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете?‘«
37 А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: »Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!
38 Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.«
39 А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.
40 А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: »Навистина, Овој е пророк!«
41 Други велеа: »Овој е Христос.« А некои рекоа: »Зар од Галилеја ќе дојде Христос?
42 Не е ли речено во Писмото: дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од грачето Витлеем, од каде што беше Давид?«
43 И така настана во народот расправија за Него.
44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
45 Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: »Зошто не Го доведовте?«
46 А слугите одговорија: »Никогаш човек не говорел така како Овој Човек.«
47 Тогаш им одговорија фарисеите: »Да не се прелагавте и вие?
48 Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него?
49 Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет.«
50 Никодим, пак, кој беше отишол при Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:
51 Осудува ли нашиот Закон човек, дури најнапред не го сослушаат и не узнаат што прави?
52 А тие му одговорија и рекоа: »Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк од Галилеја не се јавил.«
53 И секој си отиде во својот дом.