Job 9
1 На тоа одговори Јов и рече:
2 »Навистина знам, дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога?
3 Ако сака да влезе во расправија со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада.
4 Он е мудар по срце и моќен по сила; кој станувал против Него и останувал во спокојство?
5 Он ги преместува планините, а тие тоа не го знаат: ги превртува во гневот Свој;
6 ја поместува земјата од местото нејзино, и столбовите ѝ треперат;
7 ќе му каже на сонцето, – и тоа не изгрева, и на ѕвездите им става печат.
8 Он Сам ги распнува небесата и оди по морската површина;
9 Он ги создал Мечката, Орионот и Плејадата и ѕвездите на јужното небо;
10 врши големи дела, неиспитливи и чудесни, и безбројни се Неговите чуда.
11 Ете, Он оди пред мене, и јас не можам да Го видам; Он минува, а јас не Го забележувам.
12 Земе ли нешто, кој ќе Му забрани? Кој смее да Го праша: што правиш?
13 Бог нема да го отстрани гневот Свој; пред Него ќе паднат приврзаниците на гордоста.
14 Ако ме услиши и ги оцени зборовите мои,
15 дури и да сум прав, нема да одговарам, туку Судијата мој за милост ќе Го молам.
16 И кога на гласот мој би се одзвал, немаше да поверувам дека ги чул зборовите мои Оној,
17 Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои;
18 не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува.
19 Ако станува збор за сила, Он е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд?
20 Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини; ако сум невин, Он ќе ме прогласи за виновен.
21 А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам.
22 Сеедно е: затоа реков: дека Он го погубува и непорочниот и виновниот;
23 ако лукавите гинат со лута смрт, тогаш со невините се подбиваат.
24 Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Он им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Он не е, тогаш Кој е?
25 Но дните мои беа побрзи од гласникот, – далеку побегнаа, не видоа никаде добро;
26 летаат како лесни летала, како орел, што се спушта врз плен.
27 Ако речам: ‚Ќе ги заборавам тагите свои, ќе го отстранам својот мрачен изглед и ќе закрепнам,‘
28 од сите мои маки ужас ме опфаќа, зашто, знам дека нема да ме оправдаш.
29 Ако сум, пак, виновен, зошто тогаш залудо се измачувам?
30 Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои,
31 и тогаш Ти ќе ме турнеше во тиња, па ќе се згнасеа од мене и алиштата мои.
32 Зашто Он не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам заедно со Него на суд!
33 Меѓу нас нема посредник, што би ја ставил раката своја меѓу двајцата.
34 Нека го тргне Он од мене жезалот Свој, и стравот Негов да не ме застрашува,
35 тогаш ќе зборувам и нема да се плашам од Него, бидејќи вака не знам за себе.«