Job 4
1 Одговори Елифаз од Темна и рече:
2 »Ако се обидеме да ти проговориме, нема ли да ти биде тешко? Но кој може да се воздржи да не говори!
3 Ете, ти мнозина си советувал и си поткрепувал изнемоштени раце,
4 твоите зборови го исправале оној што паѓал, си ги поткрепувал раслабените колена.
5 А сега злото дојде до тебе, и ти изнемоште; допре до тебе, и ти падна со духот.
6 Твојата богобојзаливост не треба ли да биде твоја надеж, и непорочноста на твоите патишта – твојата поткрепа?
7 Спомни си, загинал ли некој невин, и кога праведните биле искоренувани?
8 како што сум гледал: оние што ораат нечесност и сеат зло, тоа и го жнеат;
9 од здивот Божји загинуваат и од духот на гневот негов исчезнуваат.
10 Рикањето на лавот и гласот на оној што вика замолчува, а забите на лавчињата се кршат;
11 силниот лав загинува кога нема плен, лавчињата на лавицата се распрснуваат.
12 И, ете, до мене скришно долета збор, и увото мое долови нешто од него.
13 Среде размислувањата за ноќните виденија, кога сонот ги обзема луѓето,
14 мене ме опфаќа страв и трепет и ги растресе сите мои коски.
15 И духот помина над мене; косата ми се крена.
16 Тој застана, – но јас не го видов лицето негово, – само облик беше пред очите мои; тивко веење, и чув глас:
17 ‚Зар човекот е поправеден од Бога? И почист ли и од својот Создател?‘
18 Ете, Он и на слугите Свои не им верува и во ангелите Свои согледува недостатоци:
19 дотолку повеќе кај оние, што живеат во земјани куќи, чии основи се од прав и кои пропаѓаат и од молец.
20 Меѓу утрото и вечерта тие се растураат; нема ни да забележиш како исчезнале наполно.
21 не загинуваат ли со нив и достоинствата нивни? Тие умираат иако не станале мудри.«