Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Job 39

:
Macedonian - 1990
1 »Го знаеш ли времето, кога дивите кози раѓаат по карпите, и си забележувал ли како раѓаат срните?
2 Можеш ли да ги преброиш месеците на нивната бременост? И го знаеш ли времето кога раѓаат?
3 Тие се превиткуваат, и раѓајќи ги малечките свои, се ослободуваат од болките свои.
4 Породот нивни зајакнува, радост е во полето, си оди и не се враќа при нив.
5 Кој го пуштил на слобода дивиот осел и кој му ги разврзал врските негови,
6 на кој сум му ја одредил пустињата за дом и соланите за живеалиште.
7 Тој се потсмева на вревата во градот и не го слуша викањето на терачот,
8 си бара храна по горите и се впушта на секое зелено растение.
9 Ќе сака ли еднорог да ти служи и ќе ноќева ли во твоите јасли?
10 Можеш ли да го врзеш со јаже еднорогот за браздата, и ќе ја браносува ли по тебе нивата?
11 Ќе се потпреш ли на него, бидејќи силата му е голема и ќе му ја оставиш ли нему твојата работа?
12 Ќе му поверуваш ли, дека тој ќе ги врати семињата твои и ќе ги донесе на гумното твое?
13 Ти ли му даде убави пердуви на паунот и крилја и мов на нојот?
14 Тој ги остави јајцата свои на земјата и ги топли на песокот,
15 и заборава, дека нога може да ги скрши или полска ѕверка да ги згази;
16 немилостив е спрема малечките свои, како да не се негови, и не се плаши, оти трудот негов ќе биде залуден,
17 зашто Бог не му дал мудрост и не го надарил со разум;
18 а кога ќе се извиши високо, му се потсмева на коњот и на јавачот негов.
19 Ти ли му даде сила на коњот и ти ли го украси вратот негов со грива?
20 Можеш ли да го исплашиш како скакулец? Треперењето на ноздрите негови е ужас;
21 ја рове со нога земјата и се радува на силата своја; оди спроти оружје;
22 се смее на опасноста и не се плаши и не се отстранува од меч.
23 Торба со стрели ѕвечка на грбот негов, болска копјето и топузот;
24 од немир и јарост голта земја и не може да стои при трубен звук;
25 штом ќе засвири трубата, тој вришти и оддалеку ја претчувствува битката, громкиот глас на војводите и викот.
26 Поради твојата мудрост ли фрчи јастребот и ги насочува крилјата свои кон југ?
27 По твојот збор ли се издига орелот и си вие гнездо на високо?
28 Тој живее на карпа и ноќева на врв од стрмнината и на непристапни места;
29 оттаму ја здогледува храната: очите негови гледаат далеку;
30 и малечкте негови пијат крв; каде што има труп, таму е и тој.«
31 Продолжи Господ и му рече на Јова:
32 »Кој се бори со Вседржителот, ќе сака ли да поучува? Кој Го напаѓа Бога, нека Му одговори.«
33 Му одговори Јов на Господа и рече:
34 »Еве, јас сум ништожен, што да Ти одговорам? Раката своја ја ставам на устата моја.
35 Еднаш говорев, сега нема да одговарам; говорев дури двапати, но повеќе не.«