Job 11
1 Потоа проговори Софар од Нам и рече:
2 »Зар на многу зборови не може да се даде одговор, и зар многузборливиот човек е прав?
3 Твоето празнословие ќе ги натера ли луѓето да молчат, за да се потсмевнуваш ти, та да нема кој да те засрами?
4 Ти рече: расудувањето ми е правилно, и јас сум чист во Твоите очи.
5 О, да проговореше Бог, да ја отвореше устата Своја кон тебе
6 и да ти ги откриеше тајните на мудроста, дека тебе ти се паѓа двојно повеќе да понесеш! И така, знај, оти Бог за тебе предаде на заборав некои од твоите беззаконија.
7 Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Вседржителот?
8 Он е повисок од небесата, – што можеш да направиш? Подлабок е од пеколот, – што можеш да дознаеш?
9 Подолга од земјата е мерката Негова и поширока од морето.
10 Ако преиначи и затвори некого во окови и го изведе на суд, кој ќе Му забрани.
11 Зашто Он ги знае оние што лажат и го гледа беззаконието; ќе го остави ли без презир?
12 Но и суетниот човек се опаметува; дивото осле на узда се покорува.
13 Ако го насочиш срцето свое и ги подадеш рацете кон Него,
14 ако порокот од раката своја го отфрлиш и не дозволиш беззаконие да престојува во твоите шатори,
15 тогаш ќе го кренеш неизвалканото лице свое, ќе бидеш цврст и нема да се плашиш.
16 Тогаш ќе ја заборавиш тагата: како за истечена вода ќе се сеќаваш за нив.
17 И животот твој ќе почне појасно од пладне; како утро ќе светнеш.
18 Во надежта своја ќе бидеш спокоен, ограден, ќе почиваш во мир.
19 Ќе легнеш и не ќе има кој да те заплашува; мнозина ќе ти се умилкуваат.
20 А очите на беззакониците ќе изгаснат, прибежиштето нивно ќе пропадне, а надежта нивна ќе биде исчезнувањето.«