Jeremiah 7
1 Слово, што му дојде на Јеремија од Господа:
2 »Застани при вратата на домот Господов и објави го таму ова слово и кажи: чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да му се поклонувате на Господа.
3 Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: ‚исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место.‘
4 Не се надевајте на лажливите зборови: ‚ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов.‘
5 Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате суд меѓу човекот и ближниот негов,
6 ако не притеснувате другоземец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло,
7 Јас ќе ве оставам да живеете на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на татковците ваши од века до века.
8 Ете, вие се надевате на лажливи зборови, кои нема да ви донесат полза.
9 Вие крадете и убивате, вршите прељуба и се колнете криво, му кадите на Ваала и одите по други богови, кои не ги познавате,
10 и потоа доаѓате и се исправате пред лицето Мое во овој дом, над кој е повикано името Мое, и велите: ‚спасени сме, за да ги вршите сите тие гадотии и понатаму.‘
11 Не се претвори ли во вашите очи во разбојничко гнездо овој дом, над кој е повикано името Мое? Ете, Јас го видов тоа, вели Господ.
12 Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете, што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израилот.
13 И, бидејќи ги вршите сите тие работи, вели Господ, и Јас ви говорев од рано утро, а вие не слушавте, и ве викав, а вие не одговаравте, –
14 затоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото, што ви го дадов вам и на татковиците ваши, како што постапив со Силом.
15 И ќе ве отфрлам од лицето Свое, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото семе Ефремово.
16 А ти, не моли се за овој народ и не вознесувај заради него молитви и молби, и не посредувај пред Мене, зашто нема да те чујам.
17 Не гледам ли, што прават тие во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски?
18 Децата собираат дрва, а татковците палат оган, и жените месат тесто, за да прават банички за божицата на небото и да вршат преливи за други богови, за да Ме огорчуваат.
19 Но Мене ли Ме огорчуваат тие – вели Господ; не себеси ли – за нивни срам?
20 Затоа вака вели Господ Бог: ете, се излива Мојот гнев и Мојата јарост врз ова место, врз луѓето и врз добитокот, врз полските дрвја и врз земните плодови, ќе се разгори и нема да угасне.
21 Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: – вашите сепаленици поднесувајте ги заедно со вашите жртви и јадете го месото;
22 зашто Јас не им говорев на татковицте ваши и не им давав заповеди за сепаленици и жртви во тој ден, кога ги изведов од Египетската земја;
23 туку ова им го заповедав: ‚слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро.‘
24 Но тие не послушаа и не го наклонија увото, и живееја по желбите и по упорството на своето лошо срце, и ми свртеа грв, а не лице.
25 Од оној ден, кога татковицте ваши излегоа од Египетската земја, до денес ги испраќав при вас слугите Свои – пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано,
26 но тие не Ме послушаа и не го наклонија увото, туку станаа твродоглави, постапуваа полошо од татковците свои.
27 И кога ќе им ги кажуваш сите овие зборови, тие нема да те послушаат; и кога ќе ги викаш, тие нема да ти се одѕиваат.
28 Тогаш речи им: ‚еве народ, кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима поука! Нема кај нив вистина, таа е одземена од устата нивна.‘
29 Истрижи ја косата своја и фрли ја, и почни да плачеш по горите, зашто Господ го отфрли и го остави родот, што го навлече гневот Негов.
30 Зашто синовите на Јуда вршат зло пред Моите очи, вели Господ; ги поставија своите гадотии во домот, над кои е повикувано името Мое, за да го осквернат;
31 и изградија идолско светилиште на Тофет во долината на Еномовите синови, за да ги изгоруваат во оган синовите свои и ќерките свои, што не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало.
32 Затоа, идат дни, вели Господ, кога тоа место нема повеќе да се нарекува Тофет и долина на синовите Еномови, туку крвна долина, и во Тофет ќе се погребуваат поради немање на место.
33 И труповите на овој народ ќе бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни, и ќе нема кој да ги брка.
34 Во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски ќе го прекратам гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста; зашто таа земја ќе стане пустелија.«