Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Jeremiah 25

:
Macedonian - 1990
1 Слово што дојде до Јеремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, синот Јосиев. Тоа беше првата година на вавилонскиот цар Навуходоносор,
2 кои пророкот Јеремија го изрече пред сиот јудејски народ и пред сите ерусалимски жители, велејќи:
3 од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јосија, синот Амонов, па до денес, ете веќе дваесет и три години, доаѓа до мене слово Господово, и јас од рано утро ви зборував, но вие не послушавте.
4 Господ ги праќаше при вас сите Свои слуги пророците, од рано утро ги испраќаше, и вие не послушавте и не го наклонивте увото свое за да слушате.
5 Вам ви велеа: »отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела и живејте во земјата, која Господ ви ја даде вам и на вашите татковци од векот довека;
6 и не одете по други богови, за да им служите и да им се клањате, и немојте да Ме разгневувате со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло.«
7 Но вие не Ме послушавте, вели Господ, и ме разгневувате со делата на рацете свои, за свое зло.
8 Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои,
9 еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош.
10 И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од веденичен камен и светлината од светило.
11 И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години.
12 А кога ќе се исполнат седумдесетте години, ќе го казнам вавилонскиот цар и оној народ, вели Господ, за нивното бесчестие, и земајта Халдејска ќе ја направам вечна пустиња.
13 И ќе ги исполнам над таа земја сите Мои зборови, што ги реков против неа, сѐ што е напишано во оваа книга, што Јеремиј пророчки го кажа против тие народи.
14 Оти и нив ќе ги поробат многубројните народи и големи цареви. И Јас ќе им платам според нивните постапки и според делата на рацете нивни.
15 Зашто така ми рече Господ, Бог Израилев: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, при кои ќе те пратам.
16 И тие нека пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе видат меч, што ќе го пратам против нив.
17 Ја зедов чашата од раката Господова и ги напоив од неа сите народи, при кои Господ ме прати:
18 Ерусалим и градовите јудејски, и царевите негови, и кнезовите негови, за да ги опустошам и направам ужас, потсмев и проклетство, како што се гледа сега;
19 Фараонот, египетскиот цар, слугите негови, кнезовите негови и сиот народ негов;
20 сиот измешан народ, и сите цареви на земјата Уц, и сите цареви на земјата Филистејска, Аскалон и Газа, Екрон и другите делови на Азот,
21 Едом, Моав и Амоновите синови,
22 сите цареви на Тир и сите цареви на Сидон, царевите над островите, што се наоѓаат отаде морето,
23 Дедана, Тема, Буза и сите што ги потстрижуваат зулуфите свои,
24 сите цареви на Арабија и сите цареви на народите од разни племиња, кои живеат во пустињата,
25 сите цареви на Зимврија и сите цареви на Елам, сите цареви на Мидија,
26 сите цареви на север, што се блиски еден до друг, а и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата, а царот на Сесах ќе пие по нив.
27 Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас.
28 Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот морате да пиете.
29 Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете неказнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот.
30 Затоа пророкувај им ги сите овие зборови и кажи им: Господ ќе загрми од висините и од своето свето живеалиште; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата.
31 Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Он ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ.
32 Така вели Господ Саваот ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни.
33 А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата.
34 Плачете пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто се исполнија деновите ваши, за да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад.
35 и не ќе има прибежиште за пастирите и спас за водачите на стадото.
36 Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нивни.
37 Јароста на гневот Господен ќе ги истреби мирните трла.
38 Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустиња од јароста на опустошителот и од Неговиот пламенен гнев.