Jeremiah 24
1 Господ ми покажа: и, еве, две кошници со смокви, поставени пред храмот Господен, откако вавилонскиот цар Навуходоносор го изведе од Ерусалим заробениот јудејски цар Јехониј, синот Јоакимов, и јудејските кнезови со дрводелците и ковачите и ги одведе во Вавилон;
2 едната кошница беше полна со многу добри смокви, какви што се раните смокви, а втората кошница – со смокви, многу лоши, кои поради лошиот вкус не можеа да се се јадат.
3 И ме праша Господ: што гледаш, Јеремиј? – Јас одговорив смокви; убавите смокви се многу добри, а лошите – многу лоши, така што не можат да се јадат, оти не се вкусни воопшто.
4 И би слово Господово до мене:
5 вака вели Господ, Бог Израилев – како овие добри смокви Јас ќе ги препознаам добрите преселници јудејски, што ги испратив од ова место во земјата Халдејска.
6 И ќе ги свртам кон нив очите Мои за нивно добро и ќе ги вратам во оваа земја, и ќе ги подигнам, нема да ги сосипам, и ќе ги посадам, а не да ги искоренам;
7 и ќе им дадам срце, за да Ме познаваат, дека Јас сум Господ, и тие ќе бидат Мој народ. Јас пак ќе им бидам нивни Бог, оти тие ќе се обрнат кон Мене од сѐ срце.
8 А за лошите смокви, кои не можат да се јадат поради нивниот вкус, така вели Господ: такви ќе ги направам јудејскиот цар Седекија и кнезовите негови, и другите ерусалимци, што ќе останат во оваа земја и што ќе живеат во Египетската земја;
9 и ќе ги предадам на зло и тешко страдање во сите земни царства, за поруга и за приказ, за потсмев и за проклетство по сите места, каде што ќе ги растурам.
10 Па ќе испратам врз нив меч, глад и помор, додека не ги истребам од земјата, која им ја дадов ним и на татковците нивни.