Jeremiah 16
1 И би слово Господово до мене:
2 Немој да се жениш, ниту да имаш синови и ќерки на ова место.
3 Оти вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја:
4 од тешка смрт ќе умрат тие и нема да бидат оплакани, ниту погребани; ќе бидат како ѓубре земно; со меч и со глад ќе бидат истребени, и труповите нивни ќе им бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни.
5 Оти така вели Господ: не влегувај во дом на оној, кој тагува и не оди да плачеш и да жалиш со него; оти Јас го одзедов од тој народ Својот мир, милоста и сожалувањето, вели Господ.
6 И ќе умрат и големите и малите во таа земја; и нема да бидат погребани, ниту ќе бидат оплакувани, ниту некој ќе прави рез, а и нема да се стрижат за нив.
7 За оној што е во жалост нема да се прекршува леб за да биде утешен поради умрениот; и нема да му подадат утешна чаша, поради смртта на неговиот татко и неговата мајка.
8 Не влегувај исто така и во куќа за веселба, да седиш таму со нив, за да јадеш и да пиеш;
9 оти така вели Господ Саваот, Бог Израилев: еве, Јас ќе го прекратам гласот на радоста и гласот на веселбата, глас на младоженецот и глас на невестата во тоа место пред вашите очи и во ваше време.
10 Кога ќе им ги кажеш на луѓето сите овие зборови, и тие ќе ти речат: »зошто Господ ја искажа врз нас сега оваа беда, и каква е нашата неправда и кој е нашиот грев, со што згрешивме пред нашиот Господ Бог?« –
11 тогаш речи им: поради тоа што вашите татковци Ме оставија, вели Господ, и тргнаа по други богови, ним им служеа и им се поклонуваа, а Мене ме оставија, и законот Мој не го пазеа.
12 А вие постапувавте уште полошо од татковците ваши и секој од вас живее според упорството на своето лошо срце, за да не Ме слушате.
13 Поради тоа ќе ве исфрлам од оваа земја во земја, која не ја познавете ни вие ниту татковците ваши, и таму ќе им служите на други богови дење и ноќе; оти Јас нема да покажам милост спрема вас.
14 Затоа, ете, идат дни, вели Господ, кога нема веќе да се вели: »жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од Египетската земја«,
15 туку – »жив е Господ, Кој ги изведе Израилевите синови од северната земја и од сите земји, во кои беше ги прогонил.« Оти ќе ги вратам во земјата нивна, што им ја дадов на татковците нивни.
16 Ете, Јас ќе пратам многу рибари, вели Господ, и ќе ги ловат; а потоа ќе пратам многу ловци, и тие ќе ги гонат од сите планини и од секој рид и од камени процепи.
17 Зашто очите Мои се врз сите нивни патишта; тие не се сокриени од лицето Мое, и нивната неправда не е сокриена од очите Мои,
18 и ќе им платам пред сѐ за нивната неправда и за нивниот двоен грев, оти ја осквернија земјата Моја, со труповите на стрвината своја и со гнасотија го исполнија наследството Мое.
19 Господи, сило моја, крепост моја и прибежиште мое во тажен ден! При тебе ќе дојдат народите од земните краишта и ќе речат: само лага наследија нашите татковци, суета и она, од кое нема никаква полза.
20 Може ли човек да си направи богови, кои, всушност, не се богови?
21 Затоа, еве, Јас ќе ги научам сега, ќе им ја покажам Својата рака и силата Своја, па ќе познаат, дека името Мое е Господ.