Isaiah 44
1 А сега слушај, Јакове, слуго Мој, и ти, Израиле, кого Јас го избрав.
2 Вака вели Господ, Кој те создаде и те обликува, Кој ти помага од мајчината утроба: не плаши се, слуго Мој Јакове, и возљубен Мој, кого Јас го избрав;
3 зашто ќе излеам вода врз она што жедува, и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето племе и благословот Свој – врз твоите потомци.
4 Ќе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци.
5 Еден ќе рече: »Јас сум Господов«, друг ќе се нарече со името на Јакова; а трет ќе напише со раката своја: »Јас сум Господов«, ќе се нарече со името Израилево.
6 Вака вели Господ, Царот на Израилот и неговиот Избавител, Господ Саваот: »Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог;
7 зашто кој е како Мене? Нека раскаже тој, да разгласи и по ред да Ми престстави сѐ од она време, кога го устроив древниот народ, нека го разгласат она што настапува и она што ќе биде…
8 Не бојте се и не плашете се: нели оддамна ти соопштив и престкажав? И вие сте Мои сведоци. Има ли Бог освен Мене? Не, друга никаква карпа не знам.«
9 Оние, што прават идоли, сите се ништожни, нивните најсакани не донесуваат никаква корист тие сами се сведоци во тоа. Тие не гледаат, ниту разбираат, и затоа ќе бидат посрамени.
10 Кој направил бог и излеал идол, што не донесува никаква корист?
11 Сите учесници во тоа ќе бидат посрамени, зашто и самите мајстори сепак се луѓе; сите тие нека се соберат и нека застанат; тие ќе се уплашат и сите ќе бидат посрамени.
12 Ковачот прави сечило од железо, со чекан го мазни и се труди над него со силната рака своја до толку, што прегладнува и премалува, не пие вода и изнемоштува.
13 Дрводелецот, откако ќе одбере дрво, влече по него линија, со остар алат го оцртува, потоа изработува лик на убав човек, за да го постави дома.
14 Сече кедри, зема бор и даб, кои ги одбира меѓу шумските дрвја, сади јасен, кого дождот го прави да расте.
15 И тоа му служи на човекот за оган, а дел од него употребува да се топли, да запали оган и да пече леб. А од него прави и бог и му се поклонува, прави идол и паѓа ничкум пред него.
16 Дел од дрвото изгорува во оган, со друг дел вари месо за јадење, си пече печено и јаде до наситување, а исто така се грее и вели: »добро е, се згреав; почувствував топлина.«
17 А од остатоците прави бог, свој идол, му се поклонува, паѓа ничкум пред него и му се моли и вели: »спаси ме, зашто ти си мој бог.«
18 Не знаат, ниту разбираат: Он им ги затворил очите, за да не гледаат, и срцата нивни – за да не разбираат.
19 И не го зема тоа при срце, ниту има до толку знаење и разум да каже: »половината негова ја изгорев на оган и на јагленот негов испеков леб, сварив месо и јадев; а од остатокот зар ќе направам одвратност, зар ќе се клањам на парче дрво?«
20 Разбери дека срцето на идол е од пепел; измаменото срце твое те довело во заблуда, и не може да ја ослободи душата своја и да рече: »нели е измама тоа што е во десната рака моја?«
21 Помни го тоа, Јакове и Израиле, зашто ти си Мој слуга; Јас те создадов; Мој слуга си ти, Израиле, не Ме заборавај.
22 Ќе ги избришам како магла твоите беззаконија, и твоите гравови – како облак; сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив.
23 Веселете се, небеса, зашто Господ го направи тоа. Ликувајте, длабочини земни; шумете од радост, гори и шуми и сите дрвја во нив; зашто Господ го откупи Јакова и ќе се прослави во Израилот.
24 Вака вели Господ, Кој те откупи и Кој те обликува во мајчината утроба: Јас сум Господ, Кој сѐ создадов, Сам ги спрострев небесата и со силата Своја ја послав земјата.
25 Јас ги правам ништожни доказите на лажните пророци и на видело го изнесувам безумието на меѓесниците, Јас Кој ги враќам мудреците и знаењето нивно го обрнувам во лудост.
26 Го потврдувам зборот на Својот слуга и го извршувам изреченото од Моите пратеници, му велам на Ерусалим: »Ти ќе бидеш населен« и на градовите Јудини: »Вие ќе бидете изградени; и урнатините негови Јас ќе ги возобновам.«
27 Јас ѝ велам на бездната: »Исуши се!« И реките твои Јас ќе ги исушам.
28 Кој вели за Кира: »Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја« и ќе му рече на Ерусалим: »Ти ќе бидеш одново изграден!« и на храмот »ти ќе бидеш основан!«