Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Isaiah 22

:
Macedonian - 1990
1 Пророштво за долината на видението. Што ти е, та цел си се искачил на покрив?
2 Шуми граде, кој се брануваш, граде, што ликуваш! Твоите убиени не се убиени од меч, ниту умреле во борба;
3 сите твои водачи бегаа заедно, но беа врзани од стрелците; сите што се најдени кај тебе врзани се заедно, колку и да бегаа далеку.
4 Затоа велам: оставете ме, горко ќе плачам; не трудете се да ме утешувате, поради погибелта на ќерката од мојот народ.
5 Зашто е ден на вознемиреност, угнетување и збрка во долината на видението од Господа, Бог Саваот. Се соборуваат ѕидови, викањето стигнува до планината.
6 И Елам зеде јанџик: луѓе со коли, и јавачи.
7 И ете, најдобрите твои долини се полни со коли бојни, јавачите се наредија спроти портите,
8 па го симнуваат покривалото од Јудеја; и ти во тој ден ќе погледаш кон избраните домови во градот.
9 Гледајте, дека има многу пукнатини во ѕидиштата на Давидовиот град, па собравте вода во долниот рибник;
10 и се разрушија куќите ерусалимски, за да се зацврстат ѕидините градски;
11 направивте меѓу двата ѕида собиралиште за вода од старото езеро. А на Оној, Кој го направи тоа, не погледнавте, и не Го гледавте Оној, Кој одамна го одреди тоа.
12 Господ, Господ Саваот ве викаше на тој ден да плачете и да тагувате, да се истрижете и да се опашете во вреќиште.
13 Но, ете, веселба и радост! Убиваат волови и колат овни; јадат месо, пијат вино и велат: »Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!«
14 И ми откри во ушите Господ Саваот: »Нема да ви биде простена таа нечесност, додека не умрете,« рече Господ, Господ Саваот.
15 Вака рече Господ, Господ Саваот: »Тргни, оди кај оној царедворец, при Севна, началникот на дворецот, и кажи му:
16 што имаш и кого имаш тука, па си правиш тука гробница? Тој си прави за себе гробница на височината, си прави живеалиште во карпата.
17 Ете, Господ ќе те фрли далеку, како што фрла силен човек и ќе те свитка како клопче,
18 откако ќе те свитка во свиок, ќе те фрли во широка земја; таму ќе умреш ти, таму твоите прекрасни коли ќе бидат за подбивање во домот на твојот господар.«
19 Ќе те турнат од твоето место и ќе те симнат од твоето достоинство.
20 И во тој ден ќе го повикам мојот слуга Елијаким, Хелкиевиот син,
21 ќе го облечам со твојата облека и со твојот појас ќе го препашам, та и власта твоја ќе ја предадам во рацете негови; и тој ќе биде отец на жителите ерусалимски и за домот Јудин.
22 И клучот на Давидовиот дом ќе го ставам на рамењата негови; тој ќе отвори, и никој нема да затвори; тој ќе затвори и никој нема да отвори.
23 И ќе го зацврстувам како клин на цврсто место, тој ќе биде како славно седиште за домот на татка си.
24 И на него ќе виси целата слава на татковиот му дом, на децата и внуците, на целата покуќнина до последната свирка.
25 Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе се заниша зацврстениот на цврсто место клин, ќе биде изваден и ќе падне, ќе се испокрши сѐ, што виси на него, зашто Господ вели.