1Пророштво за крајморската пустиња. – Како што бурите се носат во јужната страна, така доаѓа тоа од пустињата, од страшната земја.
2Страшна глетка ми беше покажата: грабач граби, опустошител опустошува; оди Еламе, опседни Мидијо: на сите воздишки ќе им ставам крај.
3Од тоа бедрата ми треперат; маки ме обзедоа, како маки на родилка. Возбуден сум од тоа што слушам; вознемирен сум од ова што го гледам.
4Срцето ми трепери: морници ме обземаат; радосната моја ноќ стана ужас за мене.
5Готват трпеза, постилаат покривки, јадат, пијат. »Станувајте, кнезови, намачкајте ги штитовите!«
6Зашто вака ми рече Господ: »Оди, одреди пазач; нека го јавува тој, она што ќе го гледа.«
7И виде тој, дека доаѓаат по двајца јавачи на коњи, јавачи на осли, јавачи на камили; и претпазливо тој слушаше, со големо внимание, –
8и почна да вика тој како лав: господаре мој: стоев на стража цел ден и на местото свое останував по цели ноќи:
9и ете, доаѓаат луѓе, јавачи на коњи по двајца. Потоа извика и рече: падна, падна Вавилон, и сите идоли на боговите негови лежат скршени на земјата.
10О, овршено жито на гумното мое! Она што го чув од Господа Саваот, Бога Израилев, тоа и ви го соопштив.
11Пророштвото за Едом. – Ми викаат од Сеир: »Стражару, кое време е во ноќта? Пазачу, кое време е ноќва?«
12Чуварот рече: »Наближува утрото, но и ноќта. Ако упорно прашувате – прашувајте; свртете се и дојдете.
13Пророштво за Арабија. – Во гората арабиска ноќевајте, каравани дедански.
14Жители на Темајската земја, носете вода да ги пречекате жедните; со леб пречекајте ги бегалците;
15зашто тие бегаат од мечот, од гол меч, од затегнат лак и од жестокоста на војната.«
16Оти вака ми рече Господ: »Уште една година, еднаква на наемничката година, – и сета слава на Кидар ќе исчезне,
17кај храбрите синови на Кидар ќе останат не многу лакови,« така вели Господ, Бог Израилев.