Isaiah 2
1 Слово, откриено во видението на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим.
2 И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи.
3 Ќе тргнат многу народи и ќе речат: »Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.«
4 И ќе им суди Он на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна.
5 О, доме Јаковов! Дојдете, ќе одиме во Господовата светлина.
6 Но Ти го отфрли Својот народ, домот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и општат со синови на туѓинци.
7 Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се исполни земјата негова со коњи, колите негови број немаат.
8 Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изработката од своите раце, на она што нивните прсти го направиле.
9 Се поклонува ли човек, и се понижува ли маж – не простувај им.
10 Влези во карпата и сокриј се во земјата од страв пред Господа и од славата на Неговото величие.
11 Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден.
12 Зашто иде денот на Господа Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, – и тоа ќе биде понизено, –
13 против сите кедри ливански, високи и величествени, и против сите дабови васански,
14 против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат,
15 против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина,
16 против сите тарсиски кораби и против сите нивни украси.
17 И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден,
18 а идолите сосема ќе исчезнат.
19 И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господа и од славата на неговото величие, кога ќе се крене Он да ја разруши земјата.
20 Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се клања,
21 за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господа и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Он да ја разруши земјата.
22 Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто – што знае тој?