Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 42

:
Macedonian - 1990
1 Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на синовите свои: »Што чекате?«
2 И им рече: »Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме.«
3 И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито.
4 А Венијамина, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: »За да не го снајде по патот некоја несреќа.«
5 И дојдоа синовите Израилеви да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во земјата Хананска владееше глад.
6 А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа замја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи.
7 А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се држеше настрана од нив, и остро им проговори и рече: »Од каде сте дојдени?« А тие одговорија: »Од земјата Хананска, да купиме храна.«
8 Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа.
9 И се сети Јосиф за соништата, што ги беше сонил за нив, па им рече: »Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја.«
10 А тие му рекоа: »Не сме, господару, туку слуги твои, што дошле да купат храна;
11 сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.«
12 Тој, пак, им рече: »Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.«
13 А тие рекоа: »Ние бевме дванаесет браќа, слугите твои, синови на еден човек во земјата хананска; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, едниот го нема веќе.«
14 Тогаш Јосиф им дофрли: »Ви реков јас вие сте разузнавачи.
15 Туку вака сакам да се уверам: Се колнам во животот на Фараонот, дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот брат ваш.
16 Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на Фараонот.«
17 И ги стави под стража за три дена.
18 А на третиот ден им рече: »Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога:
19 ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, а вие одете и однесете го купеното жито колку што им треба на вашите семејства.
20 А потоа доведете го кај мене најмалиот брат ваш, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе загинете.« И тие постапија така.
21 И си рекоа еден на друг: »Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова кога ни се молеше, но ние се оглушивме. О затоа и нѐ снајде ова зло.«
22 А Рувим им одговори, велејќи: »Зар не ви реков јас не грешете му на детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.«
23 А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто се него разговараа преку преведувач.
24 Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака. Потоа пак се врати при нив, и проговори со нив, па земајќи го од нив Симеона, го врза пред очите нивни.
25 И заповеда Јосиф да им ги наполнат вреќите нивни со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено.
26 Па, откако го натоварија житото на ослите свои, си заминаа оттаму.
27 А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани ослето свое, и ги виде парите свои одозгора во вреќата;
28 им рече на браќата свои: »Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.« И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: »Што ни го направи Бог ова!«
29 И, откако дојдоа кај Јакова, таткото нивни, во земјата Хананска, му раскажаа за сѐ, што им се случи, велејќи:
30 »Остро зборуваше со нас човекот, што заповеда во таа земја, и нѐ задржа в затвор како разузнавачи.
31 А ние му рековма дека сме чесни луѓе, никогаш не сме биле разузнавачи.
32 Дванаесет браќа сме синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата Хананска.
33 Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие купеното жито земете го и одете си.
34 А потоа доведете го при мене братот ваш најмал, за да се уверам дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘«
35 И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија.
36 И им рече Јаков, нивниот татко: »Децата ми ги запустивте; Јосифа го нема, го нема и Симеона, па и Венијамина ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа.«
37 Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: »Двата мои сина уби ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.«
38 А тој рече: »Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот, по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб.«