Genesis 41
1 А по две години сони сон Фараонот – како стои крај една река.
2 И одеднаш – од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат на брегот;
3 а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и пасеа со другите крави на брегот.
4 И седумте грди и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави, и не се познаваше дека ги изеле. Тогаш се разбуди Фараонот.
5 Потоа видел втор сон, а тоа – седум класја израснале од едно стебло, јадри и убави;
6 а по нив израснале седум празни, исушени од ветар.
7 Потоа празните и исушените класја ги изеле седумте големи и јадри класја. Тогаш Фараонот се разбуди, но тоа било сон.
8 Утредента беше тој вознемирен во душата, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И Фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на Фараонот.
9 Тогаш му проговори на Фараонот главниот пехарник и рече: »Денес се сетив за гревот мој.
10 Кога Фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на заповедникот стражарски, мене и старешината над лебарите,
11 сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме по своето значење.
12 А таму со нас беше еден млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот.
13 И како што ни кажа, така и стана: мене ме врати Фараонот на мојата служба, а оној другиот беше обесен.«
14 Тогаш Фараонот нареди, та го повикаа Јосифа, и брзо го изведоа од затворот, а тој се острига и се преоблече, па излезе пред Фараонот.
15 А Фараонот му рече на Јосифа: »Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам умееш да толкуваш соништа.«
16 Јосиф му одговори на Фараонот и рече: »Без Бога не може да му се даде на Фараонот точен одговор.«
17 И му рече фараонот на Јосифа, велејќи: »Сонив, како стојам крај брегот на една река;
18 и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат по брегот;
19 и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, какви што не сум видел полоши во целата земја Египетска, толку грди крави.
20 И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели.
21 А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив.
22 Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави;
23 а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар.
24 И седумте празни класја исушени од ветрот ги проголтаа седумте јадри и убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.«
25 А Јосиф му рече на Фараонот: »Сонот Фараонот е еден: Господ му јавува на Фараонот, што ќе прави.
26 Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; и обата сона Фараонови се еден сон.
27 Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и истенчени од ветар се седум години; ќе има седум години глад.
28 Тоа е она што веќе му го реков на Фараонот: Бог му кажува на Фараонот што ќе прави.
29 Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја Египетска;
30 а по нив ќе настапат седум години гладни; ќе се заборави сето она изобилство во земјата Египетска, и глад ќе ја сотре земјата.
31 Кога ќе се појави гладта, нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, оти ќе биде многу голем.
32 А тоа, што Фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа.
33 А сега Фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над земјата Египетска.
34 И нека заповеда Фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата Египетска во текот на седумте родни години;
35 нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од Фараонот и храната во градовите да се чува.
36 И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во земјата египетска, за да не пропадне земјата од глад.«
37 Неговиот одговор му се свиде на Фараонот и на сите слуги негови.
38 Па им рече Фараонот на слугите свои: »Зар можеме да најдеме чевек, како што е овој, во кого има дух Божји?«
39 И му рече Фараонот на Јосифа: »Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, тоа нема човек толку мудар и поразумен како што си ти.
40 Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша зборот твој; само со престолот ќе бидам поголем од тебе.«
41 И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Еве, те поставувам денес тебе над целата земја Египетска.«
42 И го извади Фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосифа на рака, и го облече во облека, од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот.
43 И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува; »Абрек! (Поклонувајте се!)« И го постави над целата земја Египетска.
44 И уште му рече Фараонот на Јосифа: »Јас сум Фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја Египетска.«
45 И го нарече Фараонот Јосифа Пеонтомфаних; и го ожени со Асенета, ќерката на Петефри, илиополски жрец.
46 А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред Фараонот, царот египетски. И, откако отиде од Фараонот, тој ја обиколи целата земја Египетска.
47 И за седум родни години земјата роди во изобилство.
48 И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше земјата Египетска, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви.
49 Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокта морска, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број.
50 А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосифа два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Петефри, жрецот илиополски.
51 И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: »Оти Бог ми направи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.«
52 А вториот го нарече Ефрем, велејќи: »Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.«
53 Но изминаа седумте родни години во земјата Египетска,
54 и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата земја Египетска имаше леб.
55 Но, кога почна да гладува и земјата египетска, народот му записка на Фараонот за леб. А Фараонот им рече на сите Египтјани: »Одете кај Јосифа, па како што ќе каже тој, така правете.«
56 А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египтјаните жито, оти гладот стана жесток и во земјата Египетска.
57 И од сите земји доаѓаа во Египет, да купуваат жито од Јосифа, бидејќи настана голем глад насекаде.