Genesis 29
1 Тогаш се крена Јаков и отиде во земјата на исток, кај Лавана, синот на Ватуила Арамеецот, братот на Ревека, мајката на Јакова и Исава.
2 Одеднаш забележа во полето извор; и ете три стада овци лежеа околу него, бидејќи на тој извор се поеја стада. Но голем камен имаше над отворот од изворот.
3 И се собираа таму сите стада, го иставаа каменот од отворот на изворот и ги напојуваа овците, а потоа пак го ставаа каменот над отворот од изворот на неговото место.
4 Јаков им рече: »Од каде сте вие, браќа?« Тие одговорија: »Од Харан сме.«
5 А тој им рече: »Го познавате ли Лавана, синот Нахоров?« Тие рекоа: »Го познаваме.«
6 Тој пак ги праша: »Здрав ли е?« Рекоа: »Здрав е, и еве Рахил, ќерката негова, иде со стадото.«
7 И тој рече: »Ете, уште е рано и не е време добитокот да се прибира. Напојте ги овците, па одете и пасете ги!«
8 А тие рекоа: »Не можеме, додека не се соберат сите стада, за да се истави каменот од отворот над изворот, па тогаш ќе ги напоиме овците.«
9 Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахил со стадото од таткото нејзин, бидејќи таа ги пасеше овците.
10 А кога ја виде Јаков Рахил, ќерката Лаванова, братот на мајка си, и стадото на Лавана, братот на мајка си, пристапи Јаков и го истави каменот од отворото на изворот, и го напои стадото на вујка си Лавана.
11 И ја целива Јаков Рахил, па извика и заплака.
12 Потоа ѝ кажа на Рахил дека тој му е род на таткото нејзин и дека е син на Ревека, а таа оттрча, па го извести таткото свој.
13 А кога чу Лаван за Јакова, синот на неговата сестра, му излезе во пресрет, го прегрна и бакна, и го воведе во својот дом. А тој остана при него цел месец.
14 Лаван, пак, му рече: »Ти си навистина коска од моите коски и од мојата плот!« И тој остана при него цел месец.
15 Тогаш му рече Лаван на Јакова: »Зарем бесплатно ќе ми служиш оти си ми род? Кажи ми, која да ти биде платата?«
16 А Лаван имаше две ќерки: на постарата ѝ беше името Лија, а на помладата Рахил.
17 На Лија очите и беа болникави, а Рахил имаше убава става и убаво лице.
18 На Јакова му омиле Рахил, па рече: »Ќе ти служам седум години за Рахил, твојата помала ќерка.«
19 Тогаш Лаван рече: »Подобро тебе да ти ја дадам, отколку на друг; остани при мене!«
20 И отслужи Јаков за Рахил седум години, и тие му се причинија како неколку дена, зашто ја сакаше.
21 И му рече Јаков на Лавана: »Дај ми ја жената, зашто дојде времето да влезам при неа!«
22 И ги повика Лаван сите луѓе од тоа место и направи сведбена гозба.
23 А вечерта ја зеде Лаван Лија, ќерката своја, и ја воведе кај Јакова, и Јаков влезе при неа.
24 И Лаван ѝ ја даде Зелфа, слугинката своја, на Лија, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка.
25 А кога настана утрото, се виде дека тоа била Лија, па му рече Јаков на Лавана: »Што ми направи? Нели за Рахил ти слугував? Зошто ме измами?«
26 А Лаван му рече: »Не бива во нашето место да се омажи помалата пред постарата.
27 Помини оваа седмица со неа, па ќе ти ја дадам и другата, за која ќе ми слугуваш други седум години.«
28 И Јаков направи така, и помина со неа една седмица. Потоа му ја даде Лаван за жена Рахил, ќерката своја.
29 И ѝ ја даде Лаван слугинката своја Вала на Рахил, ќерката своја, за да ѝ биде слугинка.
30 Тогаш Јаков влезе при Рахил. И Рахил повеќе ја засака отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште други седум години.
31 Кога виде Господ Бог, пак, дека Лија не е сакана, ѝ ја отвори утробата нејзина, а Рахил остана неплодна.
32 Лија зачна и му роди син на Јакова, и го нарече Рувим, велејќи: »Господ милостивно погледна на смирението мое, сега ќе ме засака мажот мој.«
33 И пак зачна, и роди син, па рече: »Господ чу дека не сум сакана, па ми го даде и овој.« И го нарече Симеон.
34 И одново зачна, пак роди син и рече: »Сега веќе ќе ми се наклони мажот мој, оти му родив три сина!« Затоа му стави име Левиј.
35 А кога пак зачна, и роди син, рече: »Сега ќе го восфалам Господа!« Затоа го нарече Јуда. И престана да раѓа.