Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 27

:
Macedonian - 1990
1 Кога Исак остаре и му ослабе видот на очите, та не гледаше, го повика постариот син свој Исава, и му рече: »Сине мој!« А тој одговори: »Еве ме.«
2 И рече Исак: »Еве остарев и не го знам денот на смртта.
3 Земи ја сега спремата своја, лакот и стрелите, и излези в поле, и улови ми дивеч!
4 Па зготви ми јадење какво што сакам, и донеси ми да јадам, и да те благослови душата моја, пред да умрам.«
5 А Ревека чу што му рече Исак на синот свој Исава; и Исав отиде в поле да улови дивеч за својот татко.
6 Ревека, пак, му рече на Јакова, помалиот син свој, велејќи: »Ете, го чув татко ти, како разговараше со Исава, братот твој, и дека рече
7 ‚Донеси ми дивеч и зготви ми јадење, да јадам, па да те благословам пред Господа, пред да умрам.‘
8 Туку сега, синко мој, послушај ме што ќе ти речам:
9 Оди при стадото и донеси оттаму две млади и добри јаганца; и јас ќе му зготвам јадење од нив, какво што сака;
10 а ти ќе му однесеш на татка ти, и тој ќе јаде, па ќе те благослови таткото твој дури е уште жив.«
11 А Јаков ѝ рече на Ревека, мајката своја: »Но Исав, братот мој, е рунтав, а јас сум човек гладок.
12 Може татко ми да ме попипа, па пред очите негови ќе станам измамник, и место благослов ќе навлечам врз себе проклетство.«
13 А мајка му одговори: »Проклетството твое, синко, нека падне на мене; само послушај ме, и оди, па донеси ми!«
14 Тогаш тој отиде, зеде и ѝ донесе на мајка си своја; а мајка му негова зготви јадење, какво што јадеше татко му.
15 Па потоа ја зеде Ревека најубавата облека на постариот син Исава, што беше кај неа дома, и го облече Јакова, помладиот нејзин син,
16 а рацете негови и голиот врат му го обложи со јарешки кожички.
17 И му го даде на Јакова, синот свој, в раце јадењето и лебот, што го беше зготвила.
18 А тој влезе при татка си и му рече: »Татко!« А тој одговори: »Еве ме! Кој си ти, синко?«
19 Јаков, пак, му рече на татка си: »Јас сум Исав, твојот првороден син; направив, како што ми рече; стани, седни и јади од ловот мој, па да ме благослови душата твоја.«
20 А Исак му рече на синот свој: »Кога толку бргу најде, синко мој?« А тој одговори: »Господ, твојот Бог, беше милостив.«
21 Тогаш му рече Исак на Јакова: »Дојди поблизу, синко мој, да те попипам и да видам дали си ти, синот мој Исав, или не!«
22 И пристапи Јаков до Исака, таткото свој, а тој го попипа, па рече: »Гласот е глас на Јакова, но рацете се раце Исавови.«
23 И не го позна, зашто рацете му беа како рацете на Исава, братот негов, рунтави. И го благослови,
24 и му рече: »Ти ли си синот мој Исав?« А тој одговори: »Јас сум.«
25 Тогаш рече: »Дај ми сега, синко, да јадам од ловот твој, па да те благослови душата моја.« И му даде и тој јаде; па му донесе и вино, и пи.
26 Потоа Исак, таткото негов, му рече: »Приближи се до мене и целивај ме, синко!«
27 И тој пристапи и го целива; Исак го почувствува мирисот од облеката негова, и го благослови, велејќи: »Еве, мирисот на синот мој е како мирис од полето, што го благословил Господ.
28 Бог нека ти даде роса небеска и родна земја: многу пченица и вино во изобилие!
29 Народи да ти слугуваат и кнезови да ти се клањаат! Да бидеш господар над братот свој и да ти се клањаат синовите на таткото твој! Проклет да биде оној, што тебе те проколнува, а благословен оној што тебе ќе те благословува!«
30 Па откако Исак го благослови Јакова, и Јаков отиде од Исака, таткото свој, во тој час дојде од лов Исав, братот негов.
31 И тој му зготви јадење и му однесе на татка си, и му рече: »Стани, татко, и јади од она што синот твој улови, за да ме благослови душата твоја!«
32 И Исак, таткото негов, му рече: »Кој си ти?« А тој рече: »Јас сум синот твој, првородениот Исав.«
33 Тогаш Исак премногу се возбуди и рече: »А кој беше оној, кој уловил лов и ми донесе од сѐ, и јас јадев, пред да дојдеш ти, и го благословив? Тој и ќе остане благословен.«
34 А кога ги чу Исав зборовите на таткото негов, извика на сиот глас и многу се нажали, па рече: »Благослови ме и мене, татко!«
35 А тој му одговори: »Дојде братот твој со измама, и го зеде твојот благослов,«
36 Исав, пак, рече: »Сигурно затоа му е името Јаков, еве веќе двапати ме истисна. Првородството ми го зеде, а сега и благословот ми го зеде.« И му рече Исав на татка си: »Не остави ли благослов и за мене?«
37 И Исак одговори и му рече на Исава: »Него веќе го поставив за господар над тебе; и сите браќа негови ги определив да му бидат слуги; со жито и вино го обдарив; а што да направам сега, синко, со тебе?«
38 Но Исав му рече на татка си: »Зар само еден благослов има кај тебе, татко? Благослови ме и мене, татко!« Бидејќи Исак молчеше, Исав извика на сиот глас и заплака.
39 Тогаш Исак, таткото негов, одговарајќи му рече: »Ете, домот твој ќе биде од плодна земја и од роса небеска одозгора.
40 Од мечот свој ќе живееш, и на брата ти ќе му служиш; но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го стресеш јаремот негов од вратот свој.«
41 Тогаш Исав го намрази Јакова поради благословот, со кој го беше благословил татко му; и си рече Исав во срцето свое: »Се наближуваат деновите на оплакувањето за таткото мој; тогаш ќе го убијам Јакова, братот мој.«
42 И ѝ кажаа на Ревека зборовите од Исава, постариот нејзин син, а таа испрати, па го повика Јакова, помалиот син нејзин, и му рече: »Братот твој Исав се заканува дека сака да те убие.
43 Затоа, синко, послушај ме сега: Стани и бегај во Месопотамија кај Лавана, братот мој, во Харан,
44 и живеј при него некое време, додека му минат гневот и лутината на братот твој;
45 и додека тој не заборави што си му направил. А тогаш, јас ќе пратам, да те доведат оттаму. Зошто да останам без вас двајцата во еден ден?«
46 А на Исака Ревека му рече: »Ми омрзна животот поради ќерките хетејски. А ако земе Јаков жена од ќерките хетејски, тогаш зошто ми е животот?«