Genesis 26
1 Но настана глад на земјата покрај оној што беше во Авраамовото време; и Исак отиде при Авимелеха, царот Филистејски, во Герар.
2 И му се јави Господ и рече: »Не оди во Египет, туку живеј во земјата, кој ќе ти ја покажам.
3 Настани се во таа замја и Јас ќе бидам со тебе, и ќе те благословам; зашто тебе и на потомството твое ќе ви ја дадам сета таа замја, и ќе ја потврдам клетвата, со која му се заколнав на Авраама, таткото твој;
4 и ќе го умножам потомството твое како ѕвездите на небото, и ќе му ја дадам на потомството твое сета таа замја и ќе се благословат преку потомството твое сите народи земни.
5 Бидејќи татко ти Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на законите Мои и на наредбите Мои.«
6 И остана Исак во Герар.
7 А луѓето во тоа место прашуваа за жената негова, а тој велеше – »сестра ми е« – оти се плашеше да каже – »Жена ми е« – за да не го убијат луѓето од тоа место заради Ревека, бидејќи таа беше убава.
8 Но откако мина многу време таму, се случи Авимелех, царот герарски, да погледа низ прозорец, и да го види Исака како се шегува со Ревека, жената своја.
9 И го викна Авимелех Исака и му рече: »Па, таа ти била жена; а зошто рече – ‚Сестра ми е?‘« – А Исак му одговори: »Оти помислив дека ќе загинам поради неа.«
10 Авимелех тогаш му рече: »Што ни направи? Лесно можеше да се случи некој од надвор да легне со твојата жена, и ќе нѐ воведеше во грев.«
11 И му заповеда Авимелех на сиот народ свој, велејќи: »Кој ќе се допре до овој човек или до жената негова, ќе загине!«
12 И Исак почна да сее во таа земја, и таа година доби стопати повеќе јачмен. Господ го благослови.
13 И човекот се издигна и стануваше сѐ поголем додека не стана многу богат.
14 И се здоби со многу овци и говеда и ниви, така што Филистејците почнаа да му завидуваат.
15 Па сите извори, што ги беа ископале татковите му слуги при животот на неговиот татко Авраама, Филистејците ги затрупаа со земја.
16 И Авимелех му рече на Исака: »Оди си од кај нас, зашто стана многу посилен од нас!«
17 Тогаш Исак си отиде оттаму, и ги распна шаторите свои во долината Герарска, и се насели таму.
18 И почна Исак да ги откопува изворите, што беа ископани од слугите на Авраама, таткото негов, а кои ги беа затрупале Филистејците по смртта на Авраама, таткото негов; и ги нарече со истите имиња, што им ги беше дал неговиот татко.
19 И копајќи, слугите Исакови во долината Герарска, најдоа извор со жива вода.
20 Па се скараа пастирите Герарски со пастирите Исакови, велејќи: »Водата е наша.« И му кладе име на тој извор Есек, зашто се скараа околу него.
21 Откако замина оттаму, Исак ископа друг извор, и околу него се скараа. Затоа него го нарече Ситна.
22 Тогаш се крена оттаму, и ископа нов извор, а околу него немаше караница; затоа го нарече Реховот, велејќи: »Оти Господ ни даде простор за да се размножиме во оваа земја.«
23 А оттаму мина тој во Вирсавија.
24 И истата ноќ му се јави Бог, и му рече: »Јас сум Бог на Авраама, таткото твој. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе, ќе те благословам и ќе го умножам потомството твое заради Авраама, таткото твој.«
25 И направи тој таму жртвеник, и Го призва името Господово. И таму го распна шаторот свој, а слугите Исакови ископаа извор таму, во долината Герарска.
26 Тогаш дојде при него Авимелех од Герар со Охозат, пријателот свој, и со Фихол, војводата свој.
27 А Исак им рече: »Зошто дојдовте при мене кога ме мразите и ме истеравте од кај вас?«
28 А тие одговорија: »Видовме дека Господ Бог е навистина со тебе, па рековме – да положиме меѓу тебе и нас клетва и да склучиме со тебе сојуз:
29 да не ни правиш зло, бидејќи и ние тебе не те допревме и ти правевме само добро, и те пуштивме да си одиш со мир; и ете, сега си благословен од Господа.«
30 Тогаш тој им приреди гозба; па јадеа и пиеја.
31 А уредента, откако станаа рано, се заколнаа еден на друг, и ги отпушти Исак, и тие отидоа од него со мир.
32 Истиот ден дојдоа слугите Исакови и му кажаа за изворот, што го ископаа, и му рекоа: »Најдовме вода.«
33 И тој го нарече Вирсавија и поради ова и се вика оној град Вирсавија и до ден денешен.
34 А кога имаше Исав четириесет години, се ожени со Јудита, ќерка на Хетеецот Веох, и со Васемата, ќерка на Хетеецот Елон.
35 А тие станаа тегоба за Исака и Ревека.