Ezekiel 7
1 И би слово Господово до мене:
2 »Ти, сине човечки, кажи – така вели Господ Бог – свршеток на земјата Израилева; дојде свршетокот на сите четири краишта земни.
3 Ете, дојде свршетокот за тебе; и ќе го пратам врз тебе гневот Свој, и ќе ти судам според патиштата твои, и ќе ги натоварам врз тебе сите гадотии.
4 И окото Мое нема да те зажали и нема да се смилувам, но ќе ти платам според твоите патишта, гадотиите твои ќе бидат со тебе и ќе разберете дека Јас сум Господ.
5 Така вели Господ Бог: беда единствена, ете иде бедата.
6 Свршетокот дојде, дојде свршетокот, се крена против тебе: ете дојде.
7 Дојде напаста до тебе, жителу на овој крај, иде време, се приближува денот на смутот, а не на весели повици по планините.
8 Ете, наскоро ќе ја излеам врз тебе јароста Своја и ќе го завршам гневот Свој врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги натоварам врз тебе сите твои гадотии.
9 И окото Мое нема да те пожали, и нема да се смилува. Според твоите патишта ќе ти отплатам, и твоите гадотии ќе бидат со тебе; и ќе узнаете, дека Јас сум Господ, Кој казнува.
10 Ете го денот, еве дојде, настапи напаста, процути жезалот, гордоста пупи.
11 Силата станува против жезалот на беззаконието: ништо нема да остане од нив, – ни од богатството нивно, ниту од шумата нивна, ниту, пак, од раскошот нивни.
12 Дојде времето, настапува денот: купувачу, не радувај се, продавачу не плачи, зашто гневот е врз нив сите.
13 Оти, кој продал, нема да се врати при продаденото, макар да останал жив; бидејќи пророчкото видение за целото нивно множество нема да се одмени, и никој со беззаконието свое нма да го зацврсти животот свој.
14 Трубат со трубата и сѐ се готви, но никој не оди во војна; оти Мојот гнев е врз сето нивно множество.
15 Надвор од куќата – меч, а во куќата – помор и глад. Кој се наоѓа во полето, од меч ќе умре, а кој е во градот, него гладот и поморот ќе го проголта.
16 А спасените од тоа ќе избегаат и ќе бидат во планините како гулаби од долина; сите тие ќе стенкаат, секој за своето беззаконие.
17 На сите рацете ќе им опаднат, и на сите колената ќе им затреперат како вода.
18 Тогаш ќе се опашат во вреќишта и трепет ќе ги опфати; и лицето на сите ќе ги покрие срам и на главите – нивни ќе има ќелавост.
19 Среброто ќе си го исфрлаат по улици и златото нема да го почитуваат. Среброто нивно и златото нивно нема да биде во сила да ги спаси во денот на Господовата јарост. Тие нема да ги наситат со нив душите свои, и нема да ги наполнат утробите свои бидејќи тоа беше причина за нивниот грев.
20 И со убавиот накит свој тие се гордееја и правеа уметнички творби за гадотиите свои со идоли; затоа ќе го направам нечисто за нив.
21 И ќе го дадам како плен во рацете на туѓинци и на грешници земни, за да го разграбаат, и тие ќе се осквернат.
22 И ќе го одвратам од нив лицето Свое и ќе го осквернат Моето сокриено место; и ќе влезат таму грабители и ќе го осквернат.
23 Проготвив вериги, оти таа земја е полна со крвави злодејства, и градот е полн со насилие.
24 Јас ќе доведам најлоши народи и тие ќе ги завладеат домовите нивни. И ќе ставам крај на гордоста кај силните, и ќе бидат осквернети и светињите нивни.
25 Иде погибелта; ќе бараат мир и нема да го најдат.
26 Беда ќе следува по беда и вест по вест; и ќе бараат од пророкот видение и нема да има наука кај свештениците и совет кај старците.
27 Царот ќе тажи, и кнезот ќе се облече во ужас, и рацете на народот во земјата ќе треперат. Ќе постапам со нив според нивните патишта, според нивниот суд ќе ги судам; и ќе узнаат, дека Јас сум Господ.«