Bible

Designed

For Churches, Made for Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 33

:
Macedonian - 1990
1 И му рече Господ на Мојсеја: »Крени се оттука ти и твојот народ, кого го изведе од земјата Египетска и оди во земјата, за која му се заколнав на Авраама, Исака и Јакова, велејќи: на потомството ваше ќе му ја дадам;
2 и ќе испратам пред тебе Ангел Мој, а Он ќе ги изговни Хананејците, Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Гергесејците, Евејците и Јевусејците:
3 и ќе те воведам во земјата, каде што тече мед и млеко; Самиот нема да одам со тебе, за да не те погубам по патот, бидејќи сте вие тврдоглав народ.«
4 А народот кога го чу тој страшен збор, се расплака, во жални облеки.
5 Оти Господ му беше рекол на Мојсеја: »Кажи им на синовите Израилеви: вие сте тврдоглав народ; внимавајте да не наведам на вас друга мака и да ве истребам; а сега соблечете ги од себе свечените облеки и накитот свој, а Јас ќе ви покажам што ќе направам со вас.«
6 И ги извадија накитите и облеките од себе синовите Израилеви на планината Хорив.
7 А Мојсеј го зеде шаторот свој, и го распна надвор од таборот, и се нарече скинија на собранието; и секој што Го бараше Господа, доаѓаше кај скинијата на собранието, која се наоѓаше надвор од таборот.
8 И кога Мојсеј влегуваше во скинијата сиот народ стоеше на вратата од својот шатор, и гледаше по Мојсеја, додека не влезе во скинијата.
9 А кога Мојсеј влегуваше во скинијата, се спушташе столб од облак и се задржуваше пред вратата на скинијата, додека Господ зборуваше со Мојсеја.
10 И сиот народ го гледаше столбот од облак, кој стоеше пред вратата на скинијата; и сиот народ стануваше, и секој се клањаше пред влезот на својот шатор.
11 И тогаш, Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата.
12 И му рече Мојсеј на Господа: »Ете, Ти ми велиш: ‚изведи го тој народ,‘ и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‚Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене.‘
13 Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие луѓе се Твој голем народ.«
14 И му рече Господ: »Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.«
15 А Мојсеј му рече: »Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај ни одовде,
16 оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата.«
17 И Господ му рече на Мојсеја: »Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите.«
18 Пак рече Мојсеј: »Покажи ми ја славата Своја.«
19 Му одговори: »Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение ќе го утешам.«
20 И потоа рече: »Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.«
21 И пак рече Господ: »Ене место при Мене, застани на онаа карпа!
22 А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам;
23 а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе.«