Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 32

:
Macedonian - 1990
1 А народот кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арона, и му рече: »Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек со Мојсеја, кој ни изведе од земјата Египетска.«
2 Арон им рече: »Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени и ќерките ваши, и донесете ми ги!«
3 И сите ги извадија златните обетки, што им беа на ушите на жените нивни, и му ги донесоа на Арона.
4 А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: »Еве ги, Израиле, твоите богови, што те изведе од земјата Египетска.«
5 А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: »Утре е празник на Господа.«
6 Утредента, станувајќи рано, принесе жртви сепаленици и жртва за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат.
7 И му рече Господ на Мојсеја: »Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие.
8 Брзо се отклонија од патот, кој им го определи; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Ова се, Израиле, товите богови што те изведоа од земјата Египетска.‘
9 И му рече Господ на Мојсеја: гледам дека оној народ е тврдоглав, но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам;
10 а од тебе ќе направам народ голем.«
11 А Мојсеј, се помоли пред Господа Бога, и рече: »Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата Египетска со сила голема и рака цврста?
12 Зошто Египтјаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири гневот Твој; и биди милостив поради злобата на народот Твој.
13 Сети се на Авраама, Исака и Јакова, слугите Твои, на кои им рече, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше колку множеството ѕвезди на небото, и сета оваа земја, за која си рекол дека ќе му ја дадеш на потомството ниво вечно да ја владеат.‘«
14 И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше ветил.
15 Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на сведоштвото, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано.
16 Плочите беа дело Божјо, и писмото, писмо Божјо, врежано на плочите.
17 А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеја: »Борбен повик е во таборот.«
18 Но тој одговори: »Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на пијани од вино.«
19 А кога приближи до таборот и го виде телето и игрите, и се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината.
20 Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат синовите Израилеви.
21 И му рече Мојсеј на Арона: »Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?«
22 А Арон му рече на Мојсеја: »Не гневи се, господару мој; ти знаеш за што е склон овој народ.
23 Тие ми рекоа: ‚Направи ни бог што ќе оди пред нас; Мојсеј е човекот што ни изведе од Египет, но не знаеме што стана со него, со оној кој ни изведе од земјата Египетска.‘
24 А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го извади од себе.‘ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.«
25 Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан бидејќи Арон беше допуштил да падне во распојасаност за радост на непријателите свои,
26 застана Мојсеј на вратата од таборот, и рече: »Кој е Господов, нека дојде при мене!« И се собраа кај него сите синови Левиеви.
27 И тој им рече: »Еве што вели Господ, Бог Израилев: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по таборот, па навратете од врата до врата, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.«
28 И постапија синовите Левиеви според заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души.
29 И Мојсеј им рече: »Денес Му ги посветивте рацете свои на Господа за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.«
30 А утредента му рече Мојсеј на народот: »Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе при Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.«
31 И се врати Мојсеј при Господа, и рече: »Ти се молам, Господи, овој народ направи голем грев, оти си направи бог од злато.
32 И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.«
33 А Господ му рече на Мојсеја: »Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.
34 Но сега оди, слези и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот Ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.«
35 И го порази Господ народот, затоа што направеното теле го излеал Арон.