Ephesians 6
1 Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо.
2 Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување,
3 за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.
4 И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!
5 Вие, слугите, бидете им послушни на вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на срцето, како на Христа,
6 Не со слугување за очи како човечки угодници, туку како Христови слуги извршувајќи ја волјата Божја од срце,
7 усрдно служејќи, како да Му служите на Господа, а не на луѓе,
8 знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господа според доброто, што го направил.
9 А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност!
10 Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ!
11 Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство;
12 оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.
13 Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.
14 И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата,
15 и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир.
16 А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот;
17 земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!
18 Со секаква молитва и просба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии,
19 и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Благовестието,
20 поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.
21 А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа,
22 кого го пратив при вас за истата работа, за да узнаете за нас, и да ги утеши срцата ваши.
23 Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа.
24 Благодат со сите што неизминливо Го сакаат нашиот Господ Исус Христос. Амин!