Deuteronomy 18
1 »Да нема дел и наследство во Израилот за свештениците левити, во целото племе Левиево; тие треба да јадат од жртвите за Господа,
2 дел од нив нема да има меѓу браќата негови: Самиот Господ е негов дел, како што му рече Он.
3 Еве, што треба да биде определено за свештениците од народот, од оние, што принесуваат жртва теле или овца; на свештеникот треба да му се дава рамото, главата и утробата;
4 давај му исто така и првина од пченицата твоја, од виното твое и од елејот твој, и првината од стригот на овците твои,
5 бидејќи Господ, твојот Бог, него го избра од сите твои племиња да претстои пред Господа, твојот Бог, да служи и да благословува во името Господово, тој и синовите негови во сите денови.
6 И ако левит некој дојде од некој од твоите градови, низ целата земја на Израилевите синови, каде што живеел тој, и по желба на душата своја дојде на местото, што ќе го одбере Господ,
7 и почне да служи во името на Господа, својот Бог, како и сите негови браќа левити, кои стојат таму пред Господа,
8 како храна нека добие еднаков дел, освен добиеното од продажбата на татковиот имот.
9 Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи;
10 да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник,
11 чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви;
12 зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе.
13 Биди непорочен пред Господа, твојот Бог;
14 зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал.
15 Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го, –
16 бидејќи ти го молеше Господа, твојот Бог, при Хорив во денот на собранието, велејќи: ‚да не го чујам во иднина гласот на Господа, нашиот Бог, и да не го видам повеќе тој голем оган, за да не умрам.‘
17 И ми рече Господ: добро е тоа, што ти го кажале;
18 Јас ќе им издигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сѐ, што Јас ќе му заповедам;
19 а кој не ќе ги послуша зборовите што ќе говори оној Пророк од Мое име, Јас ќе му се одмаздам.
20 Кој, пак, пророк ќе се осмели да зборува од Мое име, она што не сум му заповедал да говори и оној што ќе зборува од името на други богови, таквиот пророк да биде погубен.
21 Но ќе си речеш во срцето свое: ‚како ќе ги разбереме зборовите, што не ги кажал Господ?‘
22 Еве како ќе ги дознаете: ако пророкот говори од името на Господа, и зборовите не се збиднат и не се исполнат, тогаш Господ не ги кажал тие зборови, туку ги кажал пророкот по своја гордост, – и не бој се од него.«