Amos 7
1 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Он создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, и тоа беше тревата по царската косидба.
2 И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господе Боже, смили се; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал.
3 И Господ се сожали на тоа: »нема да стане тоа« – рече Господ.
4 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог произведе оган за суд – и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата.
5 И реков: Господи Боже, запри: »како ќе се додржи Јаков? Па тој е многу мал.«
6 И Господ се сожали на тоа: »и тоа нема да се збидне«, рече Господ Бог.
7 Вакво видение ми откри Он: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка.
8 И ми рече Господ: »Што гледаш, Амосе?« Јас одговорив: »Висулка«. И Господ рече: »еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ Израилев; нема повеќе да му проштевам.
9 Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата Израилеви, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.«
10 И Амасиј, свештеникот ветилски, прати при израилскиот цар Јеровоама, да кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израилев; земјата не може да ги трпи зборовите негови,
11 оти тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израилот бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство.
12 И му рече Амасиј на Амоса: јасновидецу, оди и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај,
13 а во Ветил не пророкувај веќе, оти тој е светиња царева и е царски дом.
14 Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви.
15 Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај при мојот народ Израилот.
16 А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израилот и не кажувај зборови против домот Исаков.
17 Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе биде обесчестена во градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерна врвка, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израилот ќе биде одведен од земјата своја.