Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 27

:
Macedonian - 1990
1 Кога беше решено да отпловиме за Италија, Павла и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од Августовата чета.
2 Се качивме на една адрамитска лаѓа и се оттиснавме, сакајќи да пловиме покрај азиските места. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.
3 На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, постапувајќи со Павла човекољубиво, му позволи да отиде до пријателите свои, за да се погрижат за него.
4 Кога тргнавме оттаму, минавме под Кипар, бидејќи ветровите беа спротивни,
5 и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, слегнавме до Мира Ликиска.
6 Таму стотникот најде една александриска лаѓа, која пловеше за Италија, и нѐ префрлија во неа.
7 И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме спроти Крит, бидејќи ветрот ни пречеше, и препловивме под Крит покрај Салмона.
8 И, откако со мака минавме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се наоѓаше градот Ласеја.
9 Но, бидејќи беше минало доста време и пловењето стана веќе опасно, а и постот беше веќе минал, Павле посоветува
10 и им рече: »Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на лаѓата, туку и за животите наши.«
11 Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на зборовите Павлови.
12 И бидејќи пристаништето не беше годно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Финик, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат.
13 А кога дувна југот, тие помислија дека желбата им се исполни, па тргнаа и пловеа покрај Крит.
14 Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен евроклидон.
15 А кога лаѓата се оттргна, оти не можеше да му се противстави на ветрот, ние ја предадовме на таласите и тие нѐ носеа.
16 И кога поминавме покрај едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го задржиме чунот,
17 кој се извлече и врза на лаѓата одоздола; и бидејќи се плашевме да не удриме на песочен нанос, ги спуштивме едрата и така пловевме.
18 На другиот ден, бидејќи бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлуваат товарот,
19 а на третиот ден, сами со рацете свои ги исфрливме корабните алати.
20 Но, бидејќи во текот на многу дни не се виде ни сонце, ни ѕвезда, а и не мала бура имаше, понатаму исчезнуваше секаква надеж да се спасиме.
21 И како долго време не беа јале, Павле застана среде нив и рече: »Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети.
22 А сега ви советувам да бидете бодри, оти ниедна душа од вас нема да загине, освен лаѓата.
23 Бидејќи ноќеска ми се јави ангел од Бога, Чиј сум и Кому Му служам,
24 и рече: ‚Не бој се, Павле, ти треба да излезеш пред ќесарот; и ете, Господ ти ги подари сите, што пловат со тебе.‘
25 Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе стане така, како што ми беше речено.
26 Ние ќе дојдеме до еден остров.«
27 Кога настана четиринаесеттата ноќ, откако пловевме по Јадранското Море, кон полноќ морнарите помислија дека се приближуваат до некоја земја,
28 и, откако ја измерија длабочината, најдоа дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати.
29 И бидејќи се плашеа да не удрат на карпести места, од страната на кормилото спуштија четири ленгера, па чекаа да осамне.
30 А кога морнарите намислија да побегнат од лаѓата, и спуштија чун во морето како да ќе спуштат ленгери од предната страна,
31 Павле им рече на стотникот и на војниците: »Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите.«
32 Тогаш војниците ги исекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу.
33 И пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: »Денес е четиринаесетти ден, откако во очекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо.
34 Затоа, ве молам, каснете: тоа ќе го запази животот ваш, зашто на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.«
35 Како го рече тоа, зеде леб, Му благодари на Бога пред сите, прекрши и почна да јаде.
36 Тогаш се ободрија сите и јадоа;
37 а во лаѓата нѐ имаше нас вкупно двесте седумдесет и шест души.
38 И кога се поткрепија, почнаа да ја олеснуваат лаѓата, исфрлувајќи го житото в море.
39 Штом се раздени, земјата не ја познаа, но забележаа еден залив со песок, на кој решија, ако им појде од рака, да ја извлечат лаѓата.
40 И дигајќи ги ленгерите, се заплови по морето; а покрај другото ги разлабавија и врските на кормилата, го развија малото едро спрема ветрецот што дуваше, та пловевме кон брегот.
41 А кога дојдовме до еден гребен, носот на лаѓата се заби и веќе не се помрдна, а задниот дел од лаѓата се разбиваше од силата на таласите.
42 Војниците, пак, помислија да ги убијат затворениците, та некој да не исплива и побегне.
43 Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ги задржа од таа намера и заповеда најнапред да искокаат и излезат на земја оние, што знаат да пливаат,
44 а другите кој на штица, кој на штогоде од лаѓата. И така излегоа сите живи на земја.