Bible

Focus

On Your Ministry and Not Your Media

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Acts 17

:
Macedonian - 1990
1 Минејќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2 Павле, по својот обичај, влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото,
3 откривајќи им и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4 И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павла и Сила, големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку видни жени.
5 Но некои од Јудејците, што не поверуваа, завидоа и зедоа некои лоши луѓе, се собраа во групи и го разбунтуваа градот и, откако ја нападнаа Јасоновата куќа, ги бараа за да ги изведат пред народот.
6 А кога не ги најдоа, го изведоа Јасона и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што ја побуниле вселената дошле и тука;
7 дека нив ги прибрал Јасон и дека сите тие постапуваат против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар Исус.
8 И го возбудија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9 Но тие, откако зедоа препорака од Јасона и од другите, ги пуштија.
10 А браќата веднаш преку ноќта ги упатија кон Берија, Павла и Сила, кои кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11 Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така.
12 И мнозина од нив поверуваа и почитувани жени Елинки, а и од мажите не малку.
13 Но солунските Јудејци, штом узнаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го возбудуваат и возмутуваат народот.
14 Тогаш браќата го испратија Павла да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15 Оние, што го придружуваа Павла, го одведоа во Атина и, откако добија од него заповед за Сила и Тимотеја, за да дојдат и тие поскоро при него, си отидоа.
16 И додека ги чекаше нив во Атина, Павле се возмутуваше во духот, гледајќи во градот, полн со идоли.
17 И тој беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со кого ќе се сретнеше.
18 А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: »Што сака да каже овој празнословец?«, а други: »Се гледа, тој проповеда туѓи божества«, зашто им благовестеше за Исуса и за воскресението.
19 И зедоа, та го одведоа во ареопагот, велејќи: »Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење, што го проповедаш?
20 Оти нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.«
21 А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22 Тогаш Павле застана среде ареопагот и рече: »Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23 Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24 Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Он, бидејќи Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови,
25 ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, дишење и сѐ.
26 Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење,
27 за да Го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Он не е далеку од секого меѓу нас;
28 оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов сме род.‘
29 И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица.
30 Бог, пак, откако ги презре времињата на незнаењето, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покајат,
31 зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.«
32 Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: »Другпат сакаме да послушаме за тоа.«
33 И тогаш Павле си отиде од нив.
34 А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.