Acts 13
1 Во Антиохијската црква имаше некои пророци и учители, како: Варнава и Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот, и Манил, одгледан со Ирода четворовласникот, и Савле.
2 Кога Му служеа на Господа и постеа, Духот Свети рече: »Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!«
3 Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија.
4 И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа од Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.
5 И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јована како помошник.
6 А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, најдоа еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вариисус,
7 кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој, откако ги повика Варнава и Савла, посака да го чуе словото Божјо.
8 А маѓесникот Елим, зашто неговото име така се толкува, им се спротивстави, трудејќи се намесникот да го одврати од верата.
9 Но Савле, кој се викаше и Павле, исполнет со Дух Свети, погледа на него,
10 и рече: »О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11 И еве сега, раката Господова е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!« И наеднаш над него падна мрак и темнина, и жбарајќи, бараше водач.
12 Тогаш намесникот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи се на Божјото учење.
13 Откако отпловија од Пафос, Павле и оние, што беа со него, пристигнаа во Пергија Памфилиска; а Јован се одвои од нив – и се врати во Ерусалим.
14 А тие, кога отидоа од Пергија, стигнаа во Антиохија Писидиска, и откако влегоа во синагогата во саботен ден, седнаа.
15 По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија да им кажат: »Мажи, браќа, ако има во вас слово за утеха на народот, зборувајте!«
16 А Павле, кога стана и мавна со раката, рече: »Луѓе Израилци, и вие, што се боите од Бога, послушајте!
17 Бог на овој народ, Израилот, ги избра татковците наши, и го дигна овој народ кога тие пребиваа во земјата Египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа;
18 и околу четириесет години ги хранеше во пустината;
19 а откако истреби седум народи во земјата Хананска, им ја раздели земјата со ждреб.
20 Потоа, околу четиристотини и педесет години им даваше судии до пророкот Самуил.
21 И оттогаш бараа цар, и Бог им го даде Саула, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години.
22 Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давида, за кого и рече, сведочејќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давида, синот Јесеев, кој ќе ги исполни сите Мои барања.‘
23 Од неговото потомство Бог, според ветувањето на Израилот, Го издигна Спасителот Исуса,
24 откако Јован пред Неговото доаѓање му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштавање.
25 А кога Јован ја завршуваше својата работа, велеше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Он, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘
26 Вам, мажи, браќа, синови од родот на Авраама, и на оние меѓу вас, што се бојат од Бога, испратено е словото на ова спасение.
27 Оти жителите ерусалимски и нивните началници, откако не Го познаа Оној, и пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, и откако Го осудија, го потврдија тоа:
28 ‚И не наоѓајќи никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилата да Го убие.‘
29 А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија в гроб.
30 Но Бог Го воскресна од мртвите,
31 и преку многу дни Он им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.
32 И ние сега ви соопштуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исуса.
33 Како што е и во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти. Денес Те родив Јас.‘
34 А дека Го воскресна од мртвите, та веќе да не се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам неизменети милостите на Давида.‘
35 За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да позволиш Твојот светец да види распаѓање.‘
36 Зашто Давид, откако му послужи на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;
37 но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38 И така, знајте, мажи и браќа, дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.
39 И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува.
40 Но пазете да не дојде на вас што е речено во Пророците:
41 ‚Гледајте вие, кои презирате и се чудите, и нека ве снема! Оти во ваши дни ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажувал.‘«
42 А кога излегуваа од синагогата Јудејска, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и ним во идната сабота.
43 И кога се растури соборот, мнозина Јудејци и побожни преселници појдоа по Павла и Варнава, кои, зборувајќи со нив, им советуваа да останат во Божјата благодат.
44 Во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе словото Божјо.
45 Но Јудејците, кога видоа многу народ, се исполнија со завист и му противречеа на она што го зборуваше Павле и хулеа.
46 Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: »Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците.
47 Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘«
48 Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен.
49 И словото Господово се распространуваше по целиот крај.
50 Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и првенците градски, подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги истераа од својот крај.
51 Тие, откако го истресоа правот од нозете свои на нив, отидоа во Иконија.
52 А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.