Mark 2
1 По извесно време, Исус повторно се врати во Кафарнаум и набргу се дозна дека Тој е дома.
2 Тогаш толку народ се насобра, што веќе немаше место ни пред вратата. Исус им ја проповедаше Божјата порака.
3 Четворица мажи, носејќи на носила еден парализиран човек, се упатија кон Исус.
4 Бидејќи не можеа да дојдат до Него, поради многубројниот народ, тие се искачија на кровот, направија отвор над местото каде што стоеше Исус и ги спуштија носилата со парализираниот човек.
5 Гледајќи со колкава вера го прават ова, Исус му рече на парализираниот: „Синко, гревовите ти се простуваат!“
6 Тука беа присутни и некои вероучители, кои во себе почнаа да се прашуваат:
7 „Како смее да зборува вака!? Тој се прави Бог! Кој може да простува гревови освен Бог!?“
8 Во истиот момент, Исус ги проѕре нивните мисли и им рече: „Зошто ви идат такви зли мисли?
9 Што е полесно за Мене: да му речам на парализираниот дека му се простуваат гревовите или да му речам да стане, да си ја земе постелата и да си оди дома?
10 Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт да простувам гревови на Земјава!“ Тогаш Исус му рече на парализираниот:
11 „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
12 Пред очите на сите, човекот веднаш стана, си ја зеде постелата и излезе. Луѓето беа вчудовидени и Му оддаваа слава на Бога, велејќи: „Вакво нешто досега не сме виделе!“
13 Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше.
14 Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус.
15 Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус.
16 Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“
17 Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“
18 Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“
19 Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив?
20 Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.
21 Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка!
22 Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“
23 Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња.
24 Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“
25 Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа?
26 Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“
27 Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата!
28 Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“