Hebrews 2
1 Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта!
2 Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети.
3 Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа оваа вистина.
4 Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја.
5 Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите.
6 Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо: „Што е човекот, та да му обрнуваш внимание, и за синот човечки да се грижиш?
7 Само за кратко време го направи помал од ангелите, а потоа со слава и со чест го овенча.
8 Му даде власт над се“. Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето.
9 Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест!
10 И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава.
11 Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа,
12 кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови: „Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам, и сред собранието ќе Те прославувам!“
13 А го рече и следното: „Во Бога ќе ја положам Својата доверба.“ И потоа: „Еве Ме заедно со чедата што Ми ги даде Бог!“
14 Бидејќи „чедата“ - како што Тој ги нарече - се луѓе од крв и месо, и самиот Исус стана како нив, со цел преку Својата смрт да го уништи Ѓаволот, кој ја има власта над смртта,
15 и да не ослободи сите нас, кои цел живот живееме како робови на стравот од смртта.
16 Јасно е дека Исус не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци.
17 Затоа, Тој мораше во се да стане сличен на Своите „браќа“, за да стане нивни верен и милостив Првосвештеник пред Бог. Така можеше да принесе жртва што ќе ги отстрани гревовите на луѓето.
18 Сега, кога и Тој помина низ страдања и искушенија, може да ни помага кога ние минуваме низ искушенија.