1Избави ме од непријателите, Боже мој, заштити ме од моите противници!
2Избави ме од беззакониците, спаси ме од крволоците!
3Зашто ете; ја дебнат мојата душа, силниците станаа против мене. Нема вина на мене, о Господи ни грев:
4Без моја вина се нафрлаат врз мене. Разбуди се! Дојди ми на помош и погледај,
5Господи, Боже над Воинствата, Израелев Боже! Подигни се, казни ги сите многубошци, немој да им се смилуваш на подлеците!
6Навечер се враќаат, вијат како кучиња и трчаат по градот.
7Гледај, како блуваат со устите; клеветите им се на устите и велат: „Кој нè слуша?”
8Но, Ти им се смееш, о Господи, и им се ругаш на сите незнабошци.
9О Сило моја, ќе се надевам на Тебе, зашто Ти си Боже, моја заштита,
10мој Бог, Кој ме милува, ќе ме одбрани; Бог ќе ми даде да ги видам моите непријатели.
11Не погубувај ги, за да не ми го заведуваат народот, распрсни ги со Твојата сила, симни ги Господи, заштитнику наш.
12Грев е секој збор на нивните усти, нека се фатат во својата гордост, во клеветите и лагите, што ги зборуваат!
13Истреби ги во гнев, истреби ги за да исчезнат, нека се знае дека Господ владее во Јакова и до крајот на земјата.
14Навечер се враќаат и вијат како кучиња и трчаат по градот.
15Нека скитаат наоколу барајќи храна; и кога нема да се наситат, тогаш ‘ржаат.
16А јас ќе ја опејам Твојата сила и наутро ќе ја прославувам Твојата милост, зашто Ти ми стана засолниште и прибежиште во ден на неволја.
17О моја Сило, со песна ќе Те славам, зашто Ти си Боже, моја заштита, мој Бог, Кој ме милува.