1Избави ме, Господи, од злобен човек, заштити ме од човек насилник;
2од оние што измислуваат зла во срцето, и цел ден се собираат за бој.
3Како змии ги изоструваат своите јазици, змијски отров им е под усните.
4Спаси ме, Господи, од раката на злосторникот, чувај ме од човек насилник, кој сака мојата нога да се сопне.
5Гордите ми поставуваат потајна стапица, со јажиња плетат мрежа, крај патот ми поставуваат клопки.
6Извикав кон Господа: „Ти си мој Бог! послушај го, о Господи, викот на моите молитви!
7Господи, мој Господи, мој силен Спасителе, засолни ми ја главата во денот на бој!”
8Не оставај да се исполни желбата на злотворот, не оставај тој да ги изврши своите намери, за да не се издигне!
9Нека не подигнат глава оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивните усни!
10Нека паѓаат врз нив распалени јаглења, нека паднат во јами, за да не станат повеќе!
11Клеветникот не ќе се одржи на земјата, несреќата ќе го грабне одненадеж насилникот.
12Знам дека Господ ќе му даде право на бедниот и правда на сиромашниот.
13Навистина, праведните ќе го слават Твоето име, непорочните ќе престојуваат пред Твоето лице.